Уметникот Живко Поповски – Цветин традиционално испраќа порака за мир во чест на жртвите од атомските бомби во 1945 година врз Хирошима и Нагасаки, од кои загинаа над 100.000 луѓе и беше направена огромна материјална штета, а оставија долготрајни последици врз потомствата и природата.
Пораката за мир уметникот Цветин годинава ја шири во Австралија преку Здружението „Да се живее поинаку“ на Снежана Џамбазова Попорданоска и Емил Попорданоски. Членовите на здружението потпишаа апел против нуклеарното оружје, кој беше вивнат во небото со пет балони. Во здружението членуваат претставници од повеќе земји, меѓу кои и од нашата држава, од Италија, Колумбија, Грција, Бразил, Австралија, Полска, Бугарија, Филипините, Кина и Чиле. Овие земји се залагаат што повеќе да ја шират пораката за мир во сите краишта на светот.
– Наместо да се направи нешто поубаво за човештвото за поубав и посреќен живот на луѓето, големите сили почнуваат нова трка за нуклеарно вооружување. Поради тоа, ние неколку години наназад правиме активности со цел да испратиме порака за мир и апел против производството, трговијата и употребата на нуклеарното оружје во воени цели, изјави Живко Поповски – Цветин, додавајќи дека нашата земја се приклучи во активностите за светски мир на почетокот од 90-тите години на минатиот век.
Олга Шкариќ, преку невладина организација гостувала на комеморација во Хирошима и Нагасаки, каде понела со себе повеќе слики наречени „цвеќиња на мирот“ и книгата „Цвеќе на мирот“ од повеќе поети посветени на мирот. Благодарение на сликите кои биле подарени на жените во Јапонија и заедно со таа монографија, тие одлучиле цвеќињата на мирот да бидат ставени на разгледница, со цел пораката на мирот да се шири понатаму. Останатите слики и книги беа подарени на Факултетот за мир во Хирошима и Нагасаки, како и на најмладите, со цел на тој начин да се придонесе младите генерации да не мислат на војни.
– Оттогаш, на 8 или 9 август ја повторуваме и ја испраќаме пораката за мир со цел да не се употреби атомска бомба. Тоа го правиме на разни начини. Минатата година во близина на селото Жван, на мостот на реката Црна, поети се собраа да читаат поезија на мирот, но и повторно да се испрати шише со порака за мир која преку реката Црна, Вардар и Егејското Море ќе патува низ светот, изјави Цветин.