Во Уметничката галерија, како дел од програмските активности на НУ Музеј-Куманово, вчера беше отворена изложба на дела од ликовната колонија „Куманово “ од минатогодишната продукција.
Присутните имаа можност да разгледаат повеќе ликовни дела, од 15 ликовни автори работени во различни ликовни техники како и една видео-арт презентација.
На изложбата можеа да се видат дела на минатогодишните учесници кои седум дена работеа и твореа во прекрасниот амбиент на Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце: Страхил Петровски, Симонида Филипова Китановска, Мирјана Крстева Массетти, Петра Јовановска, Мирослав Величковски, Стефан Анчевски и Марина Лешкова од Република Северна Македонија, Милена Лазаревиќ, Јована Колиќ, Миљан Миленковиќ, Милосав Урошевиќ, Ана Миљковиќ од Србија, Мануела Тодерас од Романија, Бисер Кирилов и Иван Николов Чакаров од Бугарија.
И годинешниве учесници на ликовната колонија „Куманово 2019“ ја посетија изложбата на уметниците кои твореа претходната година.
Изложбата е финансирана од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија и градоначалник и Совет на Општина Куманово. Љубителите на уметноста оваа поставка ќе можат да ја видат до крајот на месец август.