Во Библиотеката „АЛ-БИ“, вгнездена под дабовата шума на демирхисарското село Бабино, се чуваат и се изложени првиот број на Македонскиот правопис, примерок од првото издание на македонскиот Буквар, првото издание на весникот „Нова Македонија“ отпечатен во селото Горно Врановци и првиот примерок од книгата на Ванчо Николески, „Волшебното самарче“.
Во овој дом на илјадници книги се одвива вистинска космичка драма на духот. Овде зборот живее со сета сила и магија, а клуч за влез во овој културен топос е благиот збор, вели Стево Степановски, сопственик на библиотеката.
– Првиот број од Македонскиот правопис го добив лично од академик Божин Павловски, а првиот примерок од книгата „Волшебното самарче“ што излезе од печатница и што долги години го користел авторот Ванчо Николески го добив од неговиот внук, кој одлучи токму тука трајно да се чува и да е достапен за јавноста. Овие, но и примерокот од првото издание на македонскиот Буквар, како и првото издание на весникот „Нова Македонија“ отпечатен во селото Горно Врановци, имаат стручна заштита, исто како и другите книги во библиотеката, потврди Степановски.
За Библиотеката „АЛ-БИ“ велат дека е најголемата библиотека лоцирана во најмало населено место во светот, бидејќи денес во селото Бабино има само 2 (и со букви – само двајца) постојани жители, две бабички, кои се навикнале на повремен немир што со своите возила го создаваат посетителите на библиотеката. Некои, пак, велат дека библиотеката е најмала во светот бидејќи во една куќа на мал прстор се чуваат над 20 000 наслови, недоброени книги подјадени и изгризани, пожолтени, стари, но и нови.
– Библиотеката е основана во 1882 година од прадедо ми Јован, кој во тоа време бил исплатуван или наградуван со книги печатени на османски, арапски и персиски јазик, како и книги од периодот пред кодифицирањето на турскиот јазик. Во библиотеката има книги печатени во Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул, Анкара, Софија, Москва, Ленинград, Лондон, Париз, Виена, Солун, Филаделфија, Хајделберг, Гетинген, Белград, Загреб, Дубровник, Амстердам, Лајпциг… Библиотеката денес доследно го применува Манифестот на УНЕСКО за јавни библиотеки донесен во 1994 година и претставува локален центар за обезбедување нови знаења и информации, појаснува Степановски и додава дека и оваа година очекува просечната посетеност да го надмине бројот 3 500 вљубеници во книгата, за кои едно е јасно, колку и да понесат љубопитност со себе, нема да им довтаса за сè да видат.
Сместени во двокатница изградена од камен, во „АЛ-БИ“ може да се види и друг библиотечен материјал, книги и весници, списанија и публикации, географски карти и звучни записи, албуми и дијапозитиви и, што е најважно, целокупниот материјал не е под никаква идеолошка, политичка или верска конотација. Во библиотеката се чуваат документи значајни за Илинденското востание и Народноослободителната борба, дела на класици од светската литература, но и публикации што биле конфискувани или забранувани.
– Во библиотеката има повеќе од 400 речници, енциклопедии, монографии и дел од творештвото на 70 роднокрајни автори. Според форматот, најмал е Француско-рускиот речник, печатен во Лајпциг. Но тоа не е единствената библиотечна реткост бидејќи имаме и други книги со неутврдена старост, оригинали стари повеќе од еден век, како и збирката „Отпретани сведоштва“, која содржи оригинални војнички писма од големата војна 1914 – 1918 година, појаснува нашиот домаќин Стево Степановски.
Во библиотеката има етнособа со етнолошката поставка што содржи над 120 предмети од демирхисарското поднебје со сета негова естетска и музејска вредност. Народни носии што ги отсликуваат културните влијанија што се вкрстувале на овој дел од Балканот во разни периоди како што се старобалкански, старословенски, турско-ориентални…, а зачувани се и разни куќни предмети, како и стол на кој седел познатиот македонски револуционер, војводата Јордан Пиперката.
– Ние се грижиме за промоција на културното наследство, за почит на уметноста, за научните достигнувања и иновации. Имаме богата колекција од музеологијата и репрографијата на стари и ретки книги и ја поттикнуваме издавачката дејност. Би сакал да нагласам, вели Степановски, дека посебно сме посветени кон креација и создавање навики за читање книги од страна на децата. За секое дете што ќе дојде во библиотеката, но и за возрасните имаме пасош за влез во татковината на книгата, ни посочи Степановски.
Библиотеката „АЛ-БИ“ како туристичка и дипломатска дестинација има свој печат, изработен од полускапоцен камен во Пекинг во 1973 година, а лично го дизајнирале и го нарачале Петре М. Андреевски и Иво Андриќ, кои таа година престојувале во Кина на голема книжевна манифестација. На печатот е напишано името на Библиотеката „АЛ-БИ“ и сопственикот Стево Степановски.
Марјан Танушевски