Македонскиот стрип центар со седиште во Велес ја објави третата книга од стрип серијалот наменет за познатиот народен јунак Итар Пејо. Со издавање на истата завршува материјалот на реномираниот македонски автор Диме Иванов Димано наменет за овој итроманец.
Диме Илиев-Димано е знаменит стрип автор, еден од добитниците на Признанието „Љупчо Филипов“, што се доделува на заслужни лица за развој и афирмација на македонскиот стрип. Тој црта уште од 1971 година, а ги користи и „реалистичкиот” и „карикатуралниот “ стил на цртање.
Според информацијата од Томе Трајков, СЦМ-Велес преку овој проект стрипот уште еднаш се афирмира како погодно средство за ширење на историските и културолошки особености на определен етникум.
– СЦМ Велес и во иднина ќе подготвува стрипови кои ќе се бават со етничкото и културно потекло на етникумите што живеат на територијата на државата, на нивен јазик и превод на македонски јазик. Преку овој проект стрипот уште еднаш се афирмира како погодно средство за ширење на историските и културолошки особености на определен етникум, најави Трајков.
Од Стрип центарот од Велес изразуваат благодарност до Министерството за култура кое го зголемува бројот на финансирани стрип проекти, а во моментов актуелна е издавачката дејност.
Од СЦМ-Велес годинава се издадени стрип книгите: „Хавана САД“ од Гани Јакупи од Косово, „Реквијем“ од авторите Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов (Србија) и „1990 -1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип“ од Александар Стеванов, од Штип.
ОД СЦМ-Велес потенцираат дека понатаму ја очекуваат поддршката од Министерството за култура, а со цел понатамошна афирмација и ширење на стрип културата посебно меѓу младата популација.