Излезе од печат најновата книга есеи од академик Катица Ќулафкова “Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам” (Скопjе, МАНУ 2019).
Книгата содржи текстови за методите на толкување на книжевноста, споделените места на балканската меморија, библиотерапијата, визионерските дела, гротеската во јужнословенскиот расказ, медитеранскиот топос, Димитар Талев, македонското идно време...
Поговор е на Венко Андоновски., а дизајнот на кориците на Тони Васиќ.
Текстовите во оваа книга се пишувани последните неколку години (2014-2018), по различни поводи, но со еден заеднички именител. Тој именител се огледа првенствено во методот на поставување и на толкување на широката и деликатна проблематика од областа на книжевноста и културата.
-Се работи, всушност, за студии и есеи од областа на книжевноста, културата, психологијата, религијата и јазикот. Од тие причини, оваа книга ја оценувам како проекција на нејзиното поимање на светот и на ставот дека „наследеното знаење не е доволно за да се биде свет и да се менува светот, дека треба да се нудат нови опции и да се сензибилизира јавната свест... “, објаснува академик Ќулафкова
Книгата третира неколку битни прашања на современото постоење, не апстрактно, туку сега-и-тука, во Македонија, во јужнословенски, балкански, југоисточен европски, медитерански и светски контекст. -Станува збор за: можните начини на проучување на книжевноста, за македонската и соседните книжевности, за визионерската книжевност, за митската меморија и гротеската, за хаику поезијата, за сакралната функција на јазикот, за библио-терапијата и поези-терапијата, за македонскиот јазик, за македонскиот историски заборав и квази-историската свест, за двата религиски пресврти - секуларизмот и постсекуларизмот, за социјалните мрежи и новата медиумска реторика (твитот и неговата поетика), како и за економијата на културните политики како можен излез од слепата улица, додава Ќулафкова.
Методот кој ги обединува различните текстови е идентификуван како интерпретативен синкретизам, од што произлезе и насловот на самата книга.
Долгогодишната работа во проучувањето и толкувањето на книжевните дела и културните факти, процеси и феномени, во анализа на постојните методи и на самиот методолошки плурализам во науката за книжевноста, се рефлектира во оваа книга.
-Интерпретативниот синкретизам е особено важен за книжевната херменевтика и за ситуации во коишто претстои конкретно, но контекстуално, инклузивно и отворено толкување на книжевните и на уметничките дела, ќе рече академик Ќулафкова.