Охридското село Велестово од вечер наредните три дена, по 31 пат, ќе живее за и од поезијата. Во 21 часот „Кај чешмата“ на сред село ќе биде отворено 31-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, со вечерта посветена на стиховите на Иван Џепароски и цртежите на Воскресија Андреевска.
– Манифестацијата смело влегува во четвртата деценија од своето постоење. Се надеваме дека ќе не има уште долго и натаму да придонесуваме за афирмација на македонската поезија, култура, истакна на денешната прес-конференција Јулијана Величковска од организацискиот одбор на „Поетска ноќ во Велестово“.
Таа појасни дека на отворањето ќе настапи вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан. Поетскиот портрет на Иван Џепароски ќе го презентира проф. д-р Наташа Аврамоска, а стихови од неговата поезија ќе чита актерот Владимир Јачев. Од 22 часот во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Воскресија Андреевска.
Величковска уште изрази задоволство што манифестацијата и оваа година повторно добива меѓународен предзнак, како поради претставување на поезија на странски поети, така и што годинава се обновува соработката со Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература, односно учесниците ќе бидат гости на „Поетската ноќ во Велестово“.
– Како и секогаш оние што биле во Велестово знаат дека другарувањето продолжува и надвор од предвидената програма. Токму во тој меѓупростор се случува она што навистина ние го правиме, се создаваат пријателства, врски, се договараат културни размени кои значајно придонесуваат нашите гости да бидат вистински амбасадори на Велестово, Охрид, Македонија во светот, рече Величковска потсетувајќи дека многу од учесниците на манифестацијата во нивните подоцнежни песни ја презентираат инспирацијата добиена за време на нивниот престој тука.
Поетот Џепароски изрази задоволство што е дел од плејадата поети, македонски автори кои биле во низата врзана за врвните вредности на македонската поезија.
– Да се биде навечер во Велестово за секого, поет или обичен човек кој ја сака природата и љуби убавината, е прекрасно чувство, оттаму што таму како никаде на друго место може да се почувствува естетичката категорија возвишеност. Не поради фактот што Велестово се наоѓа на високо место, туку дека поезијата не издигнува во естетско доживување од поврзаноста на уметностите како што се поезијата, книжевноста, сликарството. Сестринските уметности таму настапуваат многу успешно, а тука се и музите да им помогнат на поетите да ги создадат нивните идни творби, рече поетот Џепароски.
Тој додаде дека посебноста и специфичноста на „Поетската ноќ во Велестово“ произлегува од неопсредната комуникација со населението кое живее во селото, што е редок случај мало село да има таква манифестација од врвно значење на која гостуваат најзначајните писатели, поети, теоретичари…
– Вакви манифестации треба да се поддржуваат, постојано да се облагородуваат со нови идеи, нови гости, да се оствари комуникацијата со светот. Комуникацијата со другиот прави да се чуе надалеку гласот и за градот Охрид и за нашата држава, но и вредностите на нашата историја, култура, цивилизација. Се разбира, во комуникација со другиот да се оствари примарното, а тоа е преку запознавање на другиот да се запознаваме себеси, истакна Џепароски.
Манифестацијата продолжува утре напладне во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид , со настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а од 19 часот во кафе-барот „Shilla“ во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи од Ирска. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.
Поетот Џери Марфи кој вторпат доаѓа тука, понесен од инспирациите стекнати за време на првиот престој има напишано три песни посветени на Велестово и Охрид, Свети Наум.
– Прекрасен е начинот на кој луѓето тука ја восприемаат поезијата. Нивната бројност на ваквите поетски манифестации и на промоциите на книгите покажува дека луѓето ја сакаат уметноста на напишаниот искажаниот збор. Наликува како да сум дома во Ирска, изјави Марфи, кој инаку е еден од најпознатите поети во Ирска.
На третата и завршна поетска вечер на 18 август од 20:30 часот во Куќата на Уранија во Охрид во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе биде претставен романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова, кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2018-та, со што ќе заврши годинашното издание на „Поетската ноќ во Велестово“.
„Поетска ноќ во Велестово“ е манифестација единствена од таков вид во земјава. Основана е во 1989 година како камерна презентација на творештвото на афирмиран македонски поет и сликар. Од нејзиното прво издание одржано на 12 авуст 1989 година низ неа продефилираа најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Јован Котески, Матеја Матевски, Радован Павловски, Јордан Плевеш, Славе Ѓорѓо Димоски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Ефтим Клетников, Ристо Јачев, Братислав Ташковски, Пако Кузман, Веле Смилевски, катица Ќулавкова, Раде Силјан, Бладимир Мартиновски, Никола Маџиров и др., сликари: Вангел Наумовски, Глигор Чемерски, Сергеј Андреевски, Боро Митрикевски, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Коле Манев, Мирослав Масин, Славко Упевче, Никола Упевче, Драган Спасевски-Охридски, Доне Милјановски, Нове Франговски, Васко Ташковски, Александар Станковски и други. Од странските поети досега во Велестово имаат настапено поети од Сирија, Србија, Турција, Израел, Ирска, од Италија, Црна Гора, Естонија, Бугарија, Албанија, Норвешка, Словачка, Словенија, од Монголија.