По полнењето на светските киносали со дел од најновата домашна продукција, објавите и филмските критики во првиот дел од годинава, продолжува снимањето на повеќе долгометражни играни филмови, соопшти Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Агенцијата оценува дека ако се следат промоцијата и реакциите за документарниот филм „Медена земја“ во САД, годинава македонски филм се доближува и до холивудскиот „Оскар“.
-Се надеваме дека ова нема да биде единствениот конкурент, велат од оваа институција.
Информираат и дека изминативе три месеци почна снимањето на дебитанскиот филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, новиот долгометражен филм „М“ на Вардан Тозија, како и на долгометражниот игран филм „Најтешкото нешто“, кој е прв македонски филм што ќе биде сниман на турски јазик на познатиот турски режисер Сердар Акар.
Покрај наведените долгометражни играни филмови, во тек е снимањето на играната серија за деца адаптирана по истоимената книга за деца „Зоки Поки“ на писателката Оливера Николова. Кон крајот на месецов е најавено и снимањето на дебитантскиот филм на Кристијан Ристевски „Снежана на крајот умира“, а во тек се интензивните подготовки за првиот долгометражен игран филм на македонската млада авторка Дина Дума „Сестра“ за кој е најавено снимање во текот на септември.
-По големите успеси што македонската кинематографија ги имаше годинава, се наметна критериум кој мораме да се трудиме да го следиме или барем да се приближиме, со цел одржување континуирано учество на филмовите на меѓународни фестивали, освојување награди, како и успешно интернационално претставување на нашата земја. Водејќи се по сите успеси и радости што македонскиот филм ѝ ги донесе за земјава изминатиот период, Агенцијата за филм, и покрај ограничениот буџет, со исклучителен напор за менаџирање на средствата што се наменети за продукција, алоцираше средства за во континуитет да се реализираат сите филмски проекти кои според своите оперативни планови најавуваат продукција, наведува Агенцијата.
Македонски филмови и копродукции ќе се прикажат и на претстојните филмски фестивали во Сараево и Венеција и тоа во Сараево во главната програма во конкуренција за документарен филм ќе се прикаже „Медена земја“ во режија на Љубомир Стевафнов и Тамара Котевска, потоа, краткометражниот анимиран филм „Една во режија на Вук Митевски (Копродукција: Северна Македонија, Белгија) ќе се прикаже во конкуренцијата за краткометражен филм и малцинската копродукција „Отворена врата“ во режија на Флоренс Папас (Копродукција: Албанија, Италија, Косово, Северна Македонија) ќе се прикаже во конкуренција за долгометражен игран филм.
Покрај претставувањата на македонски филмови во главната програма на фестивалот, свои проекции ќе имаат и „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска, малцинската копродукција „Полусестра“ на Дамјан Козоле (Копродукција: Словенија, Северна Македонија, Србија и Хрватска), како и краткометражниот филм на Елеонора Венинова “The Sign” кој е дел од омнибусот SEE Factory кој оваа година ја отвори програмата Director Fortnights во Кан.
Во Венеција, пак на 31 август филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска ќе има своја проекција во трката за наградата ЛУКС, која ја доделува европскиот парламент (LUX FILM PRIZE COMPETITION). На филмскиот фестивал во Венеција свое претставување ќе има и краткометражниот игран филм „Извидник“ на Андреј Цветков како дел од програмата Giornate Degli Autori.