Со концерт посветен на јубилејот – 85 години од раѓањето на композиторот Томислав Зографски, фестивалот „Охридско лето“ вечер ќе го заокружи музичкиот дел од годинашната Програма.

На авторската вечер во црквата „Св. Софија“ со почеток во 21:00 часот посветена на творештвото на Томислав Зогравфски, ќе настапат реномираните македонски уметници: пијанистите Марија Ѓошевска, Елена Атанасовска-Илиевска, Марија Вршкова и Даница Стојанова, Марјан Милошевски на фагот, Ристо Ѓоревски на кларинет, флејтистката Билјана Камчева и Гудачкиот квартет „Зографски“.

Зографски е еден од основоположниците на македонската композиторска школа и автор на повеќе од 150 дела. Тој претставува значајна алка во создавањето на современиот македонски композиторски израз, не само поради неговиот личен опус, туку и поради влијанието кое го имал во создавањето нови млади композитори преку неговата педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност каде бил декан и продекан.

Неговите дела се изведувани во САД, Русија, Јужна Америка, Мексико, Австралија, Нов Зеланд, Шведска, Грција, Шпанија, Франција, Литванија, Грузија, Украина, Велика Британија, Италија и во сите центри на поранешна Југославија.

Добитник е на две награди за животно дело, како и на голем број значајни награди за композиции и за филмска музика. Неговите дела се издадени на носачи на звук, а музикологот Марко Коловски е автор на монографија посветена на ликот и делото на Томислав Зографски. Дел од неговото творештво се наоѓа во библиотеките на престижни музички образовни институции во Полска, Германија, Казахтан, Русија, Швајцарија, Србија и во Кина.

Ова 59-то фестивалско издание ќе биде затворено со содржина од драмската програма. Станува збор за изведбата на театарската претстава „Одисеј“ на Горан Стефановски во режија на селекторот на драмската програма, Александар Поповски. Претставата е копродукција на повеќе познати театарски куќи од просторите на поранешна Југославија, а ќе биде изведена на сцената на Античкиот театар.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2019 10:41