Во издание на Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија деновиве излезе од печат теориското дело „Потенцијалите на жанрот крими-драма преку сценариото за игран филм „Се викам Слобода“ од Стефан Марковски.
Делото е магистерски труд на Марковски, одбранет на Катедрата за филмско и ТВ сценарио при Факултетот за драмски уметности – Скопје и се состои од два сегмента: анализа на техники, развој на карактери и приказна за сценарио во контекст на жанрот крими-драма во современиот македонски и западен филм и самото сценарио за долгометражен игран филм „Се викам Слобода“.
– Преку оваа приказна се разработуваат акутни општествени состојби на нашето совремие, но најважно е тоа што самото сценарио како предлошка за игран филм создава една нова, за себеси, уметничка реалност. Во сценариото „Се викам Слобода“ авторот прво го дефинира екстровертниот живот и колективниот дух на младите, урбани граѓани. Во тој квантум на бигори, соништа и недостаток на слобода, но и преку специфична постапка својствена на неговиот авторски, зрел писателски јазик, тој го прецизира својот индивидуален однос кон животот и времето, актуелните теми и третманот на средината кон оние што се како нас, ама не се исти, се наведува во рецензијата кон ова сценарио и теоретска разработка надополнета од препорака за филмска продукција потпишана од тричлена комисија, Владимир Блажевски, Лазар Секуловски и Сашко Насев.
Од анализите во овој труд произлегува дека доминантен облик на драма, како од аспект на вкупна продукција, така и од аспект на прифатеност кај публиката, во досегашната македонска кинематографија е историската драма, додека хибридниот жанр крими-драма, како и самата филмска естетика на обратното, за разлика од она што е случај со светските тенденции, кај нас се едни од најслабо прифатените, се наведува во соопштението на авторот.