Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ годинава ќе биде застапена на Сараевскиот најреномираниот регионален филмски фестивал во речиси сите програми. Во официјалната натпреварувачка конкуренција за кратки и анимирани филмови регионалната премиера ќе ја има анимацијата „Една“ на Вук Митевски.
Како што информираат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“, актерката Зорица Нушева од филмот „Господ постои, името и е Перунија“ ќе биде преставена на фестивалот во програмата за меѓународен кастинг, а актерите Стефан Вујисиќ и Илија Волчески се селектирани и ќе бидат дел од Сараево Талент Кампус.
Посочуваат дека филмот „Господ постои, името и е Петрунија” ќе се прикажува вон натпреварувачката програма „Во фокус”, а во истиот програм ќе се прикажува и „Полусестра”, најновиот филм на словенецот Дамјан Козоле во кој „Сестри и брат Митевски“ учествуваат како малцинска копродукција.
Режисерката Теона С. Митевска на Сараевскиот филмски фестивал е поканета да биде и член на главното меѓународно жири предводено од шведскиот влијателен режисер Рубен Ослунд.