Започна снимањето на новото продолжение на детскиот серијал од деведесеттите години, забавно-музичкото шоу „Дајте Музика“ во копродукција на Македонската Радио Телевизија и продукцијата „Рифенштал”.

Автори се Лазар и Цаци Паковски и веќе се снимаат нови триесет епизоди. Најголем дел од протагонистите во серијалот се од актерската школа на Весна Петрушевска, која е инструктор по актерска игра во проектот. Серијалот е во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски.

Емисијата повторно ќе изобилува со музика, а новите детски хитови ги потпишуваат: Николче Мицески, Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други. Во серијалот ќе се појават и македонски групи и пејачи како Каролина, Тамара, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Некст Тајм, Слаткаристика, Дарио, Дани, Нокаут и други. Улогата на „мајстор“ ќе ја толкува актерот Ѓокица Лукаревски, „полицаец“ ќе биде Нино Леви, Игор Џамбазов ќе има епизодна улога, а ќе гостуваат и други млади актери и познати македонски спортисти.

Цаци Паковска, еден од носителите на проектот вели дека целта на овој проект е да ги инспирира децата да се вратат на местата на кои им припаѓаат: маалските паркови, уличките, училишните дворови, кои ќе бидат нивни свртилишта, места за забава, дружење, перипетии, детски интриги, први симпатии и детски радости.

– Во денешно време, кога сериозно е лимитиран изборот на детски серии и емисии, децата ја пронаоѓаат својата забава на интернет, гледајќи најразлични туторијали од странска продукција кои притоа немаат никаква едукативна содржина. Резултат на тоа е интензивирано користење на технологијата на штета на заедничкото дружење и социјализацијата со врсници, истакна Паковска,

Таа додаде дека идејата е да и се покаже на денешната младина една друга „вистинска“ забава каде што ќе се дружат, играат и забавуваат на начин на кој се забавувале и играле нивните родители.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2019 15:48