На книжевна резиденција во Скопје во месец август престојува писателката и преведувачка од Република Србија, Милена Илиќ. Во рамки на својот престој во Скопје, таа работи на српскиот превод на романот „Одбројување“ од македонската писателка Фросина Пармаковска.
Милена Илиќ (1978) е родена во Белград, каде што завршила српски јазик и книжевност на Универзитетот во Белград. Пишува песни и раскази. Својата прва поетска книга, „Хепи микро вумн блуз“, ја објавува во 2009 година. Нејзините песни и раскази се вброени во неколку антологии и прегледи на современата српска книжевност. Има учествувано на повеќе меѓународни книжевни фестивали.
За книжевната сцена во нашата земја особено е важна нејзината преведувачка активност, бидејќи во последните години активно се занимава со превод на македонските автори од помладата генерација. На македонски јазик ги има преведено книгите „Поврзи ги точките“ од Николина Андова-Шопова и „Киноутро“ (избор од поезијата) од Јовица Ивановски. Освен овие преводи, Илиќ има објавено неколку преводи на посебни раскази или избор од поезијата на неколку македонски автори.
Во рамки на својот престој во Скопје, Илиќ вечер заедно со други девет поети и прозаисти од нашата земја, ќе настапи на настанот „Астални проекции“, кој е дел од манифестацијата „Турни ме да кинисам!“ во организација на КЦ 750 што ќе се одржи во Младинскиот културен центар.
Како што информираат од издавачката куќа „Готен“, престојот на Милена Илиќ во Скопје е дел од книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, Програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги „Традуки“.