Триесетгодишниот творечки јубилеј на академскиот сликар Роберт Цветковски од Крива Паланка беше одбележан синоќа во неговиот роден град со изложба на четириесетина дела во Центарот за култура. Дел од богатиот опус на авторот е изложен и во галеријата на Градскиот музеј во Крива Паланка.

Настанот беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2019“ поддржана од Општина Крива Паланка и Министерство за култура, а го реализираа Центарот за култура, Градскиот музеј и Центарот за аудиовизуелни уметности.

На изложбата во Центарот за култура беше промовиран и каталог „30 години творештво на Роберт Цветковски“. Рецензенти на каталогот се Кирила Цветковска и Ѓорги Костовски, фотографиите се од Костовски, а дизајнот е на Натали Велеска.

– Преку своите уметнички дела Цветковски се поставува како предизвикувач на подлабоката мисла во замена за постојаната пофалба на вештачката продуктивност, наметната oд брзиот ритам на живеење, вели во поговорот Кирила Цветковска, историчар на уметност.

Според Ѓорги Костовски, Цветковски е слика на космосот, кој творејќи ја открива секогаш повторно и одново својата природа и пак го остварува контактот со праизворот, проектирајќи се и остварувајќи се на платното.

Важноста на ликот и делото на Цветковски за Крива Паланка, за државата, уметноста и историјата ја истакнаа директорката на Ценатрот за култура Крива Паланка Мира Ѓоргиевска и директорот на Градскиот музеј Драган Bеличковски. Тој потенцира дека изложбата на Цветковски е подарок за сограѓаните.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски на Цветковски му додели плакета за посебни пригоди, посакувајќи му да прослави 60 години творештво.

Роберт Цветковски е роден во 1965 година во Куманово, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност Скопје во 1989 година, во класата на Ана Темкова. Работи во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка како ликовен педагог. Неговите дела се наоѓаат во приватни колекции на сите континенти. Цветковски е врвен академски сликар кој во својот творечки опус од тридецениското работење создал бројни дела претставени на десетици самостојни и групни изложби, над шеесет интернационални ликовни колонии и пет перформанси. Постојани колекции со негови дела се изложени во Центарот за современа уметност Подгорица, во Турција, во Музејот на Град Скопје, Градскиот музеј Крива Паланка…

Двете изложби беа надополнети со концерт на „Агни авшар“ што се одржа пред платото на Музејот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2019 11:57