Се потрудивме да ја задржиме препознатливата структура на програмата на манифестацијата Струшки вечери на поезијата, но и да внесеме новини за кои се надеваме дека ќе станат нејзин белег. Една од тие новини е „Поетската порака“ што на церемонијата на отворање ќе ја чита истакнат македонски поет.
Оваа година таа чест ја има Влада Урошевиќ, за кого во програмата е посветен портрет. Тоа денеска на прес-конференцијата по повод вечерашното отворање на 58-то издание на Струшките вечери на поезијата (СВП) го истакна директорот на манифестацијата Тодорче Тасевски.
Тој изрази особено задоволство што за овогодинешниот лауреат на СВП е избрана романската поетеса Ана Бландијана, како четврта жена добитник на високото признание „Златен венец“.
– Тоа не значи дека поезијата ја пишуваат само мажи, туку значи дека можеби жените биле неоправдано забиколувани при доделување на признанието и ќе се обидеме во иднина таа грешка да ја исправаме, рече директорот Тасевски.
Претседателот на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева потсети дека пред 15 години Бландијана била гостин на манифестацијата со свое издание и избор на песни во едицијата „плејади“, а сега повторно е тука како лауреат на „Златниот венец“. За неа Шелева вели дека е поет со бунтовен дух, со критичка перспектива која не замолчува пред неправдите, лагата, сите видови отчовечување и отприроднување својствени за луѓето денес.
– Бландијана е припадник на генерацијата на поетите од 60-тите, кои себе се нарекувале неомодернисти, со пристап кон поезијата базиран врз херметизам, метафоричност, естетизам како своевиден отпор против тогашната естетка на соц-реализмот. Ана Бландијана во меѓувреме станува симбол, икона на отпорот, непокорот против социјалната матрица што долго време владее во тогашното романско општество, под строг надзор на цензурата. Подоцна кога тоа се ќе заврши, и натаму таа задржува строг критички став и однос кон новите проблеми својствени за демократијата, рече Шелева.
Лауреатот Бландијана изрази големо задоволство што е добитник на највисокото поетско признание. Таа рече дека на 21 март кога и било јавено дека е добитник на „Златниот венец“ напишала порака дека за неа Македонија не е само пријателска земја, туку парче од планетата по која чекорел Орфеј, што доволно зборува за традициите на поетскиот израз тука.
По традиција, фестивалските поетски збиднувања во рамки на СВП почнаа изутрината со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2019 година.
Гала-отворањето на „Струшки вечери на поезијата 2019“ ќе биде вечер во 20:30 часот на платото пред Центарот за култура, а половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.