„Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал како што е Струшкиот претставува благороден и високо морален чин.
Тоа што ја одржува во животот поезијата е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. До вчера, во овие краишта, тоа беше отпор против обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес – песната станува еден вид отпор против сè пожестоката и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Светот вели: „Сè е на продажба!“ Песната одговара: „Сè освен мене!“ Дури и најнаивните љубовни стихови на некој поет-почетник се израз на бунтот против сфаќањето дека сè може да се сведе на најпрозаична реалност, дека човековата егзистенција нема друга смисла освен барање на колку што е можно полесен пат кон ефтините удопства и лажните задоволства“.
Моќно одекна овие реченици на славниот македонски поет Влада Урошевиќ вчеравечер во Струга, како дел од свеченото отворање на годинашното, 58-мо издание на најстарата светска поетска манифестација која се одржува во континуитет - „Струшките вечери на поезијата“. На Урошевиќ, кој годинава слави 85 лета, му припадна честа да биде првиот поет што ја изговорил „Поетската порака“ на отворањето на фестивалот, што е новитет воведен годинава.
Церемонијата на отворањето на Струшки вечери на поезијата (СВП) на сцената пред Центарот за култура почна со читање на „Т`га за југ“ на Константин Миладинов на четири јазика - македонски, англиски, албански и француски, а на овие четири јазика беше и обраќањето на водителите. Воведувањето на албанскиот и на францускиот јазик во двете главни церемонии на СВП - отворањето и затворањето - е уште една иновација во годинашното издание на поетскиот фестивал, како тенденција за почитување но и збогатување на мултикултурноста во земјава.
На церемонијата се обратија и министерот за култура Хусни Исмаили и директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски.
Почитувани присутни, поетите, иако живеат меѓу нас, не се баш како нас. Тие навистина изгледаат како копнени суштества, но воопшто не се копнени. Според Рембo, „Поетот е светец кој го открива клучот за некогашните прославувања“. Слично го опишува поетот и Ласгуш Порадеци, кој создал поезија од другата страна на ова езеро - во Поградец, за кој поетот е битие на кое од небото му доаѓа порака, а тој ја претвора во зборови и ние ја читаме како поезија. Навистина, поетите се чувствителната совест на човештвото. Тие се луѓето кои ја носат задачата на првиот збор. Тој збор станува вистински комплетен само за поетот и неговиот свет. Бидејќи, навистина на почетокот беше зборот, но и тој, на некој начин, беше поезија.
„Почитувани присутни, поетите, иако живеат меѓу нас, не се баш како нас. Тие навистина изгледаат како копнени суштества, но воопшто не се копнени. Според Рембауд, „Поетот е светец кој го открива клучот за некогашните прославувања“. Слично го опишува поетот и Ласгуш Порадеци, кој создал поезија од другата страна на ова езеро - во Поградец, за кој поетот е битие на кое од небото му доаѓа порака, а тој ја претвора во зборови и ние ја читаме како поезија. Навистина, поетите се чувствителната совест на човештвото. Тие се луѓето кои ја носат задачата на првиот збор. Тој збор станува вистински комплетен само за поетот и неговиот свет. Бидејќи, навистина на почетокот беше зборот, но и тој, на некој начин, беше поезија“, порача министерот за култура Хусни Исмаили.
„Драги стружани и сите вљубеници во поезијата, Вечерва, да бидеме отворени кон благородното и благотворното дејство на поетскиот збор. Затоа што поетите делуваат преку нивните зборови. Нивните зборови се веќе дела, поетски чинови низ кои Вистината и Смислата се обединуваат во Убавина пред која сме восхитени. Ние, останатите, да бидеме куси во зборувањето и да зборуваме преку нашите дела, а сцената, вечерва да им ја отстапиме на поетите!“, гласеше краткиот поздравен говор на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
Фестивалот беше отворен со палење на фестивалскиот оган и со величествен огномет.
На церемонијата, покрај поетите -учесници на 58-то издание на СВП присуствуваа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, државни функционери, и граѓани од Струга и другите градови.
По отворањето на фестивалот, се одржа меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, во кое учествуваа голем број од годинашните 32 поети од 24 земји од странство и поети од земјава.