„Форми во црно“ од авторот Мице Јанкуловски е изложбата која ќе биде отворена вечерва во Уметничката Галерија Куманово, со почеток во 20:00 часот, информираа од музејот Куманово. Изложбата ќе ја отвори професорот Милан Јазбец, амбасадор на Р.Словенија во Македонија.

На изложбата ќе бидат презентирани 50 слики, акрил на платно, од Форма 3 – најновата фаза од 50-годишното творештво кои се карактеризираат со монохромност, модуларност, мултипликација и минимализам.

Јанкуловски е мултимедијален уметник кој истражувал различни дисциплини во уметност, од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Тој е препознаен од професионалната јавност во светот како најизразит претставник на апстрактната уметност во земјава.

Мице Јанкуловски има одржано над 50 самостојни изложби во престижни простори во земјава и на меѓународната сцена, како во Палатата Ка ‘Занарди во рамките на ОСТЕН павиљон Венеција, Италија, Галерија Лола Николау во Солун, Грција, Градската галерија во Варна, Бугарија, Архиви дела Мизерикордија во Венеција, Италија, Devlet Resim Heykel Muzesi во Анкара, Турција, Југословенскиот културен центар во Париз, Франција и голем број на групни изложби.

Добитник е на меѓународни награди за творештво, наградата за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на Фиренца Биенале, Италија, наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака, Кипар 2018, Гран при на Меѓународното биенале на графика Варна, Бугарија во 2017 и многу други.

Оваа година Мице Јанкуловски одбележува 50 години уметничко творештво и до крајот на годината ќе има самостојни изложби во Прилеп, Куманово, Тетово, Торино, Италија; Ст. Петерсбург, Русија и Солун, Грција – изложба со дела од Пикасо.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2019 12:58