Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци“, што ја доделува поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

За наградата одлучила жири-комисија составена од Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска – Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска – Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар.

Од „Струшки вечери на поезијата“ информираат дека од петте збирки поезија кои влегоа во потесниот избор, преовладувало мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвоил како најкомплетно остварување.

– Најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот. Во неговите стихови сите тие се менуваат и надополнуваат, сопостојат или зрачат симултано. Тие понекогаш ја прават оваа поезија противречна, но токму затоа особена, неповторлиав и интересна. Ставајќи ја нагласката на човекот, авторот ја промовира хуманоста и вистинските човекови вредности. Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет, се вели во одлуката на жири-комисијата.

По соопштувањето на победникот, во текот на денешниот, четврти ден од „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), учесниците: 32 поети од странство и 30 од земјава, попладнево ќе го посетат Охрид. По запознавањето со културно-историското наследство, учесниците на СВП, заедно со гостите, ќе присутвуваат на настанот „Поетски портет“ во чест на починатиот поет Матеја Матевски, по повод 90 годишнината од неговото раѓање. Настанот со почеток во 19 часот ќе се одржи во предворје на црквата „Света Софија“ во Охрид, а веднаш потоа, со почеток во 20:30 часот, во катедралната црква, традиционално, ќе се одржи поетскиот портрет на годинашната добитничка на највисоката фестивалска награда, „Златен венец“, Ана Бландијана.

Потоа, четвртиот ден на годинашното фестивалско издание ќе продолжи во Струга точно на полноќ, кога во Центарот за култура ќе се одржи поетското читање „Ноќ без интерпункција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2019 15:20