Меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОВ, што се наоѓа на само 30-тина километри од Велес во историското село Горно Врановци, по затворањето на тамошниот хотел пред петнаесетина години се ретко посетени, информираат за МИА од Народниот музеј од Велес, кој управува со овој комплекс.

Историскиот комплекс од пет спомен куќи е многу значаен бидејќи на посетителите им дава убава можност да се запознаат со поновата македонска историја. Токму тука, во срцето на државата, на 80 километри од Скопје, скриено и заштитено од непријателските сили од средината на септември до крајот на ноември 1944 година биле засолнети највисоките органи на НОВ и на извршната и законодавната власт на тогашна Федерална Демократска Македонија, а со нив биле сместени и американската и британската мисија. Токму од тука, од ова историско село, тие командувале и давале инструкции за завршните операциите за ослободување на државата. Тука тогашната Влада донела и повеќе важни закони кои потоа бие реализирани во слободна Македонија.

Горно Врановци, кое било на слободна територија, било одбрано за седиште на новата македонска Влада, бидејќи било блиску до Велес и Скопје и поради географската положба опкружено од три страни со планини, а само од исток имало пат што лесно се контролирал и преку кој се поврзувало со останатите територии во земјата и светот.

Кои се петте спомен куќи

Во селото се наоѓаат пет спомен куќи: на Президиумот на НОВ, ЦК на КПМ, Главниот штаб на НОБ и на Печатницата „Гоце Делчев“, каде бил печатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. Четирите спомен куќи, кои се во ингеренции на Народниот музеј се отворени за посетителите, освен петтата – спомен куќата на раководството на ОЗНА, која е во сопственост на МВР и која со години е затворена за јавноста.

Во музеите можат да се видат копии од бројни документи и фотографии од есента 1944 година. Тука е и печатарска машина – „Бостонка“, на која се отпечатени првите броеви на „Нова Македонија“ и на „Млад борец“, мапите за воените операции и други документи. Во џамијата среде селото била сместена болницата, а во блиското село Долно Лисиче имало интендантска и офицерска школа.

На џамијата е поставена спомен плоча со што е одбележан објектот кој бил користен за сместување на ранети и болни борци и бил главната болница на Народноослободителната војска (НОВ) и Партизанските одреди на Македонија (ПОМ). Во почетокот болницата располагала со мал број на персонал и помошен материјал. Подоцна, по екипирањето, биле задоволени потребите на болницата во која работеле три одделенија – хирушко, интерно и заразно. Во болницата постоеле и помошни одделенија за исхрана, шиење, перење и друго. Оваа болница во Горно Врановци одиграла значајна улога во згрижување на болните и ранетите.

Откако се затвори Хотелот се намали и посетеноста на спомен куќите

Како што појасни за МИА, Марин Клифов, в.д. директор на Народниот Музеј од Велес, кој во изминатите 14 години беше и раководител на комплексот спомен куќи, со затворањето на хотелот во Горно Врановци, се намалила посетеноста, која е сведена на минимум. Тој вели дека петнаесетина години од затворањето на хотелот, не доаѓаат ученици на екскурзија и учесници на разни семинари, кои при престојот задолжително ги посетуваа и спомен куќите. Но, последниве години во Горно Врановци многу ретко има посетители и туристи.

– Ние како Народен музеј континуирано се грижиме и тековно ги одржуваме четирите спомен куќи што се во наша ингеренција, освен петтата, која е Спомен куќа на ОЗНА и е во сопственост на МВР. Тие се грижат за неа, но таа со години е затворена за јавноста. Во 2014 последен пат ги белевме и фарбавме просториите на куќите, а лани го менувавме подот во Спомен куќата на печатницата. Како музеј имаме и чувар, наш вработен, кој е жител од селото и кој постојано ги проверува и одржува. Тој е задолжен и за прием на посетителите. Воедно и ние како Музеј редовно ги посетуваме куќите и ја проверуваме состојбата во нив. Но, за жал последниве петнаесетина години поради затворањето на хотелот во Горно Врановци, посетители се се помалку, освен еднаш – двапати годишно, кога ги посетуваат припадници на Армијата од велешкиот Гарнизон и од редакцијата на весникот „Нова Македонија, на 29 октомври, затоа што на овој ден во 1944 година во Горно Врановци бил отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. Сега се помалку доаѓаат и иселениците од селото Македонци -муслимани, појаснува Клифов.

Тој потсетува дека во 50-тите години на минатиот век, локалните жители масовно се иселиле во турскиот град Измир. Сепак, иселениците доаѓаат во селото секое лето и во посета на старите родни огништа ги носат со себе и своите деца и внуци. Тогаш ги посетуваат и спомен куќите и со гордост им раскажуваат за славното историско минато на своето село, кое во тоа време броело над три илјади жители и било поголемо од повеќе тогашни помали гратчиња во земјава.

Локалната власт сака да го продаде хотелот или да им го преотстапи на иселениците од Турција

Хотелот во Горно Врановци беше синдикално работничко одморалиште на велешките фирми, отворен во 1986 година и успешно работеше, но потоа беше затворен.

Општина Велес на која и припаѓаше, со одлука на општинскиот Совет од 11 јуни 2012 година и го даде објектот на поклон на Општина Чашка, со образложение дека се наоѓа на нејзина територија. Како претходно и Општина Велес, потоа и Општина Чашка во изминативе седум години откако го доби на поклон хотелот, безуспешно се обидуваше да го продаде и повторно да го заживее.

Оттогаш Хотелот во Горно Врановци, сместен во прекрасна природа, е запуштен, се наоѓа во очајна состојба и се распаѓа.

Новата локална власт на Општина Чашка кон крајот на минатата година најавуваше дека размислува да го продаде хотелот во Горно Врановци или да им го отстапи на иселениците од селото кои живеат во Турција, за да го реновираат и стават во функција.

Но и покрај најавите, локалната власт на Општина Чашка досега се уште бара и нема најдено решение како да заживее хотелот, кој се повеќе се уништува и пропаѓа.

Значаен 75-годишен јубилеј што треба да се одбележи

Годинава се навршуваат точно 75 години од есента во 1944 година, кога во овој комплекс спомен куќи, на само 80 километри од Скопје, од половината на септември, па до крајот на ноември 1944 година, била сместена законодавната и извршна власт на Федерална Демократска Македонија. Воедно се навршуваат и 35 години од свеченото отворање на овој историски комплекс на 11 октомври 1984 година, кога селото беше преплавено со посетители од Велес, Скопје и цела земја.

Народниот музеј од Велес и селаните ги чуваат и ги одржуваат спомен куќите во одлична состојба и се гордеат со нив. Тие имаат желба и надеж дека на овој голем јубилеј на 11 октомври годинава, некој сепак ќе се сети на ова значајно место и на комплексот Спомен куќи и дека повторно ќе ги посети.

Селаните се огорчени, бидејќи во сите овие 28 години независност, никој од македонските политичари и државници не се сетил да ги посети нив и Спомен куќите, каде биле почетоците на извршната и законодавна власт во државава.

Постарите се сеќаваат дека на 11 октомври 1984 година при свеченото отворање на комплексот во посета единствено бил Лазар Мојсов, кој бил сојузен секретар за надворешни работи на тогашната СФРЈ, член во заедничкото Претседателство на СФРЈ и претседател на Претседателството од 1987 до 1988 година. Тогаш Спомен куќите ги посетил и генералот Михајло Апостолски.

Жителите на Горно Врановци ги повикуваат сите функционери да дојдат во посета во Горно Врановци на големиот ден – 11 октомври. Велат дека ако не можат тогаш, нека дојдат некој друг ден, а тие ќе ги чекаат и ќе се надеваат оти сепак не се заборавени.

Локалните жители им порачуваат дека нивните и портите на историските и значајни спомен куќи во Горно Врановци се ширум отворени за нив и за сите посетители и добронамерни луѓе, кои сакаат да се запознаат и да ја научат поновата македонска историја. Воедно при посетата ќе имаат можност и да уживаат во прекрасната природа со дабова и костенова шума и во многу други природни убавини и реткости.

Инаку, поради значењето на историските спомен куќи, Горно Врановци е прогласено за културно наследство.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2019 11:25