Во рамки на десеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, вечер со почеток во 18 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) публиката премиерно ќе може да го погледне филмот „Лог аут“ на младата режисерка Рамона Моња Кочишка. Во МКЦ ќе бидат прикажани и филмовите „По патот на клавето“ на Лидија Мојсовски и полскиот филм „Ќе танцувам за тебе“.

„Македокс“ досега објави десет нови македонски документарни филмови што се дел од фестивалската програма. По премиерата на „Тетовски самрак“ на Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер, чија проекција помина со многу емотивни рекции кај публиката, на платото пред Куршумли-ан веќе се одржа и премиерата на документарниот филм „Господата од Современа“ на Ана Алексовска.

Во програмата за млади, што се одвива во МКЦ, премиерно се прикажани три од четирите филмови на Докуникулците на „Македокс“. На 23 август премиерно беше прикажан есеистичко-поетскиот филм „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска. На 24 август публиката на „Македокс“ го проследи „Скопска ситуација ’18“ во режија на Анастасија Павловска, филм кој произлезе од една рап-песна, а зборува за проблемите на младите генерации. Третата премиера се случи на 25 август, кога беше прикажан „Палец горе“ на Марија Матеска, филм за страста и возбудата што ги носи патувањето со автостоп.

Премиера на филм од македонски автор има и во рамки на Студентската програма, каде беше прикажан филмот „Спасение“ (Италија, Велика Британија/ 2017/ 24 мин.) на режисерот Никола Ивановски, кој во Сицилија снимил приказна за миграцијата како печалбарски избор наспроти миграцијата како последен очаен обид за спас.

Студентската програма на „Македокс“ се одржува веќе четири години. Досега се прикажани повеќе од 50 филмови, а гостувале 40-тина студенти од различни земји. На јубилејното издание на „Македокс“ првпат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда во износ од 2.000 евра за најдобриот студентски филм.

Во програмата со македонски документарни филмови, синоќа во рамки на форумот MakeCoProDox имаше проекција на „Манаки – Приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски.

Десеттото издание на „Македокс“ ќе биде затворено со премиерата на годинава најуспешниот македонски документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на 28 август. Филмот ќе има проекции во Куршумли-ан и во киното „Фросина“ во МКЦ.

Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм,Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музејот на Република Македонија, Археолошкиот музеј, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, како и од повеќе амбасади во нашата земја, Чешки центар Софија, Град Скопје…



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2019 10:20