Во Делчево синоќа се одржа промоција на стихозбирката „Зад твојот сон“ од авторот Васил Маневски. Делото како што истакна авторот Маневски е продолжение на првото издание на истоимената книга за која читателската публика за прв пат слушна пред четири децении.
– Книгата што вечерва ја промовираме е второ дополнето издание на книгата „Зад твојот сон“ која е излезена некаде пред 40-тина години. Изданието е дополнето со катрени и други песни, а е посветена на моите внуки Илина и Галена. Освен ова дело предмет на мојата поезија е роднокрајната историја и герографија, знаменити личности, топоними, а понекогаш знам да напишам и стих за актуелните македонски сотојби, истакна Маневски.
Ванчо Механџиски кој е рецензент на едно од делата на авторот, кој пак е поранешен дописник на МИА во пензија, истакна дека се работи за автор, чија поезија има роднокрајни мотиви.
– Васил Маневски не е ниту анонимен, ниту пак е некој случајна појава во поетската литература. Можеби не е обемно неговото творештво, но остава значителна трага, како роднокраен автор, истакна Механџиски.
Промоторот Миле Ѓорѓијоски изрази надеж дека Маневски има што да каже и во иднина кога е поезијата во прашање.
– Конечно после 40 години дочекавме неговата прва стихозбирка да биде дополнета со осум катрени. Книгата е во издание на „Заеднички шепотења“. Се надевам дека Маневски ќе продолжи да пишува поезија и се надевам дека многу скоро ќе го видиме неговото ново дело, истакна Ѓорѓијоски.
Настанот го организираше делчевскиот Центар за култура во соработка со Јавната локална библиотека „Илинден“.