Со доделување наградите во пет категории, заврши десеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Филмот „Соло“ – копродукција на Чешка, Франција, Аргентина и Австрија во режија на Артемио Бенки ја доби наградата „Кромид“ за најдобар филм во главната програма. Одлуката ја донесе жири во состав Ен Жоржете, Инеке Смитс и Виктор Еде, кое оцени дека филмот предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно.

-Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ни ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“, наведе жирито.

Специјално признание во оваа категорија доби дшпанскиот окументарец „Град на мртовци“ на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. херој на мисија – наратив што е присутен во многу современи документарци.

Жирито Винсент Дјутр, Виола Штефан и Ѓорче Ставрески одлучи да додели две награди „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор – на макеоднскиот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска – „поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап“ и на „Боговите на Моленбек“ – филм на Финска, Белгија и Германија во режија на Рета Хухтанен – „поради остроумноста во снимателскиот избор, начинот на кој филмот ни дозволува да ги согледаме големите проблеми во современа Европа низ детските очи, без тронка иронија или лажна дистанца, поради елеганцијата во филмските слики и нежниот, внимателен пристап на режисерката при соочување со прашањата кои ги засегаат религиските заедници и глобализацијата“.

Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм ја доби „Нашата песна за војната“ (Белгија, Колумбија) на Хуаните Родригез Онзага. Жирито во состав Ондреј Каменицки, Мартин Иванов, Анка Паунеску оцени дека филмот е „неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување“.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм му е доделена на германскиот „Ѕверот – воз со непознати“ на Мануел Инакер, а одлучи жирито во состав Јасмин Башиќ, Мартина Валентина Баумгартнер, Илеана Станкулеску. – Ова не е уште еден обичен филм за миграција. Ова е силен филмски указ што прикажува длабока општествена и политичка посветеност со искрена почит кон протагонистите – млади луѓе со голема надеж, наведе жирито,

Специјално признание за филм од студентската програма доби рускиот „Слушај, брат!“ на Александар Елкан затоа што, според жирито, „формата на овој филм восхитувачки ја отелотворува содржината на приказната. Режисерот ѝ го прикажува сопственото огромно искуство на публиката, зграпчувајќи нѐ со ритам и енергија“.

Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија) на Рета Хухтанен. Жирито за оваа категорија (Виван Сторлунд, Ристо Солунчев и Џон Периш) посочува дека предвид ја имале врската меѓу творецот на филмот и протагонистите.

-Во филмот „Боговите на Моленбек“ децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сѐ е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме прилика да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност, – образложи жирито за Наградата за филм со најдобри етички идеи.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2019 11:39