Со изложбата „Патешествие“ на концертни и промотивни постери и плакати на Влатко Стефановски, в понеделник (2 септември) од 20 часот во Музеј на град Скопје ќе почне петтиот филмски фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Петдневната филмска програма ќе се реализира во Кинотеката од 3 до 7 септември.

Изложбата „Патешествие“ која му претходи на фестивалот претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, прикажана преку бројни концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. Организаторот наведува дека со оваа изложба се прикажува друг аспект од кариерата на Влатко, односно неговиот богат концертен опус со годините.

Познатиот гитарист изјави дека Фестивалот на документарен музички филм му изгледал како интересна можност да сподели со јавноста дел од неговата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од негови концерти и изданија.

– Се разбира, колекцијата е далекоу поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознати со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња, изјави Стефановски.

Во фокусот на годинашниот фестивал „Скопје синема сити“ се документарни филмови каде „главна улога“ има гитарата и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент. Фестивалот ќе биде отворен со „Кит Ричардс: Под влијание“, кој е филмски портрет на Кит Ричардс, кого го нарекуваат срцето и душата на „Ролинг стоунси“. Ведаш по проекцијата, соло-настап ќе има Влатко Стефановски.

Секоја вечер од филмскиот фестивал е поделен на жанрови. Третата вечер е блуз вечер и е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Меѓу овие два филма свој настап ќе има блуз дуото „In the Mood”. Четвртата вечер е посветена на поекспериментални правци во музиката.

Во соработка со „Гете институтот“ ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок прв дел“. Краутрок е називот за група култни бендови од Германија популарни во 19‘70-тите години: Can, Neu! Фауст, Крафверк. Вториот филм истата вечер – „Изгубената жица“ е портрет на авангардниот џез-гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од даунтаун сцената во Њујорк. Петтата вечер е посветена на фолк музиката, овојпат од Португалија, со „Мадредеуш“ и трагичната фигура Ник Дрејк. Завршната вечер е посветена на класичните рок-бендови У2 и Квин односно се посветени на некои од нивните најголеми достигнувања: албумот „Joshua Tree” на У2 и „Приказната за Боемската рапсодија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2019 11:45