Во Македонска Каменица синоќа заврши Каменичко културно лето. На плоштадот во градот, кој славеше троен празник и беше исполнет со посетители, концерт одржа српската пејачка Наташа Беквалац, пред која настапија и Анета Молика и новата атракција за младите „2Бона“.

На Каменичко културно лето настапија и младите играорци од Културно-уметничко друштво „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица и нивните гости од Медвеѓа, Србија, кои првпат гостуваа во овој град.

-Првпат сме во Македонска Каменица, домаќините се навистина љубезни, многу добро не пречекаа, имаме прекрасна соработка со нив, овде се претставивме со три кореографии, игри од Лесковац, од околината на Књажевац и Вртлог, истакна Бојана Лакошиќ, претседателка на КУД „Разиграно коло“. На завршниот дел од настанот се обрати градоначалничката Соња Стаменкова, која на сите граѓани им го честиташе празникот Голема Богородица – заштитничка на Каменица.

– Особена чест и задоволство ми е што сме домаќини на ваков културен настан кој е еден од најголемите во регионот. Имавме изведувачи кои ги одбравме внимателно затоа што знаевме дека вие ги сакате и за кои сакам да се заблагодарам на генералниот спонзор на овој настан – Рудник САСА, истакна Стаменкова.

Во првата вечер на Каменичко културно лето претходно свој настап имаше екс-ју групата „Галија“ и „Тропико бенд“. Според слободна проценка, концертите во двете вечери на градскиот плоштад ги проследија над 10 илјади посетители.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2019 11:48