Уметник – чудотворец, мајстор на иконописот, автор чии импресивни дела ќе станат парадигма за генерации зографи на пошироките балкански простори.
Веројатно и ова не е доволно за да се искаже големината на Димитрија Крстев(ич), познат како Дичо Зографот, човекот кој направи пресврт на еден илјадагодишен период и означи почеток на сосема нов правец во историјата на македонската црковна уметност.
Дичо е роден во Тресонче, 1819 година. Во маалото Лековци. Таму и пораснал. Се оженил на дваесет години, на 1 јули 1839 година, како што самиот забележал во стариот зографски прирачник т.н. ерминија. Имал седум синови и една ќерка.
Малку пишани белешки има за неговата биографија. Се знае дека бил исклучително образован и дел од од тогашната интелектуална елита. Добро ги владеел книжевниот грчки и старословенски црковен јазик, како и духовните прашања.
Историчарот на уметност и поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Цветан Грозданов ќе запише дека „во уметноста на 19. век Дичо Зографот се издигнал како средишна личност, истакнувајќи се со својата ликовна надареност, лична култура, продуктивност, комуникација со современиците, дејство и влијание врз своите ученици и соработници“.
Од млад ги обработувал, препишувал и преведувал ерминиите поради што многу рано бил упатен во иконографијата и технологијата на црковната уметност. Личната дарба уште повеќе придонела да изгради чувство на респект кон другите творци. Одбивал да интервенира, да ги заменува или освежува иконите што му биле доставувани на „поправка“, настојувајќи да го зачува стариот инкарнат, што зборува за неговиот однос кон постарите зографи и неговите речиси современици.
Не бил обичен занаетчија, туку мајстор – интелектуалец. Интересот за користење книги од богословската литература, на графички изданија и на старите ракописи само ја заокружува неговата комплексна личност, наведува академик Грозданов.
Таткото на Дичо, Крсте Перков, бил зограф, но повеќе резбар и копаничар. Се смета дека тој го вовлекол синот во занаетот. Веднаш откако потпораснал, Крсте го земал Дичо во својата копаничарска група, но тој, сепак, поголем интерес покажал за зографството.
Според писанијата и она што го знаат потомците, основите на зографскиот занает Дичо ги совладал во манастирот „Св Јован Бигорски“. Најмногу научил од мајсторот Михаил кој со својот син Димитрија (подоцна замонашен како Даниил) дошол од Самарина (Епир). Стекнатото искуство кај овие двајца зографи, Дичо го надградил, а потоа и го развил својот препознатлив стил.
Има една интересна случка поврзана со Дичо Зографот што ја раскажуваат неговите потомци. Еден ден, кога тајфата (во која Дичо бил уште чирак) одела наваму-натаму по работа, била пресретната од група арамии. И, додека арамиите им се заканувале на останатите од тајфата, прашувајќи ги каде тргнале, по каква работа и зошто, Дичо земал едно парче дрво и почнал да си „игра“. Главниот од арамиите го забележал и му свикал: „Што правиш бре ти?“. Дичо го завртел дрвото кон него и кога овој во „глоданото“ го забележал својот лик, изненаден, се насмевнал и рекол: „Да ги оставиме овие, се гледа дека се надарени, учени, само добро може да сторат“. И така, тајфата во која бил и Дичо, куртулила благодарение на него.
Творештвото на Дичо
Почетоците на работата на Дичо се уште се непознаница, иако се смета дека од 1840 до 1844 година работел во црквите на егејското крајбрежје.
Од 1844 година, организирал своја тајфа во Тресонче, а подоцна и работилница во која обучувал млади, надежни момчиња, но ги подучувал и своите синови Аврам и Спиридон.
Најраното познато дело на Дичо Зографот е иконата „Богородица Пантохора“ во црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид, од 1844 година. Првите позначајни самостојни остварувања може да се видат и во Росоки, село близу родното Тресонче, каде во храмот „Воведение Богородичино“ Дичо ги изработил престолните икони од иконостасот. Дичо е потпишан на „Исус Христос Цар и Велики архиереј“ и „Св. Јован Претеча“ во 1844 година, како и на „Богородица Одигитрија“ во 1845 година. По завршување на работата во Росоки, ја презел нарачката за изработка на иконите во црквата „Св. Петар и Павле“ во Тресонче. Ги насликал светите апостоли во природна големина на влезот на црквата. Натписот под оваа композиција покажува дека живописот е завршен на 27 мај 1849 година.
Од 1844 до 1870 година суверено владеел со црковната уметност на Западна Македонија, вклучувајќи ги и соседните краишта во Србија и Бугарија што биле во границите на Османлиското царство. Според желбата на донаторите, натписите калиграфски ги пишувал на црквенословенски јазик (со мноштво елементи на македонскиот мијачки дијалект), како и на книжевен грчки јазик. Често изведувал натписи и на двата јазика. Зографските прирачници ги преведувал и редактирал на мијачки дијалект, внесувајќи сопствени белешки. Тоа го правел за да ја збогати сопствената љубопитност и култура, за своите синови Аврам и Спиро (Спиридон) кои ги подготвувал за зографи, како и за учениците.
Бројни и засега се уште ненадминати се делата на Дичо Зографот. Создал преку 2.000 икони, но, според Грозданов, таа бројка е само приближна.
– И кога ќе се состави каталогот на Дичовиот опус тој постојано ќе биде збогатуван со нови откритија. Денес се зголемува и бројот на ансамбли на ѕидното сликарство во однос на порано познатите храмови каде што оставил трага, нагласува академикот.
Дичо им ја олеснил работата на историчарите на уметноста, (о)ставајќи го својот потпис и годината на изведбата на иконите. Се потпишувал со зборовите: „Смирени зограф Дичо от Тресонче“ или „Помјани Господе раба твојега зографа Дича от Тресонче“.
Творел во Реканскиот крај, во Скопје, Куманово, Гостивар, Кичево,…
Ангажманот на Дичо Зографот во Скопје и околината почнува од селото Кучевиште кое тогаш било многу важен регионален културно-просветен центар. Во црквата „Св. Богородица (Св. Спас)“ со своите соработници го обновил иконостасот. Тешко е да се утврди што се работел таму зашто повеќето икони од оваа црква се уништени во пожарот од 1983 година. Единствена икона за која со сигурност може да се тврди дека е негова, е „Архагнел Михаил ја одзема душата на богатиот“, потпишана во 1845 година. Ангажманот во Кучевишта ја „отворил“ првата поголема „скопска“ нарачка. Дошла од село Бањани, за изработка на иконите за иконостасот во црквата „Св. Георгија“. Иконите биле завршени во 1846 година. Се смета дека од раката на Дичо се и иконите на апостолите со композицијата на деисисот, како и празничните икони. Потоа се нижат и други нарачки, во село Горњани, село Чучер,…
По завршување на работите во скопскиот регион, Дичо се фокусирал на неколку поголеми проекти во Реканскиот крај. Го изработил Кивотот за мошти во „Св Јован Бигорски“, а истата година, 1848-ма, работи и на иконостасот во храмот „Архангел Михаил“ во Битуше. На покана на игуменот на манастирот „Св Јован Бигорски“, ја почнал и обемната работа на живописот во манастирскиот метох во село Рајчица, во црквата „Св. Георгија Победоносец“.
Во 1853 година повторно се враќа во Скопско, работејќи ги престолните икони на црквата „Св. Никола“ во Љубанци. Продолжува во Црешево, а потоа изработил повеќе икони кои денес се наоѓаат во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Од 1854 година е и портретот на јеромонахот Самуил од манастирот „Трескавец“.
Дичо изработил икони и за манастирот „Богородица Пречиста“ кај Кичево, храмот „Св. Ахил Лариски“ во село Требиште, црквата „Св. Никола“ во Маврово, црквата „Св. Никола“ во Куманово, црквата „Св. Богородица“ во Скопје, црквата „Св. Константин и Св. Елена“ во Скопје, црквата „Св. Илија“ во Кадино, црквата „Св. Вознесение“ во село Драчево,…
Оставштина од Дичо има и во Куќата на Робевци, истакнатото трговско семејство чија благородна лоза на добротвори, мецени и родољуби се преплетува и со животот на Прличев, Миладиновци, Шапкарев,… Зачувани се ликовни сведоштва за врските на Дичо со Робевци. Во времето кога работел во црквата „Св. Никола Геракомија“ и во други охридски цркви, во 1862 година, тој бил повикан од Анастас-Тасе Робев за две семејни нарачки. Бидејќи во февруари претходната година изгорела нивната куќа, а непосредно потоа се издигнал и денес познатиот семеен дом (сега Музеј на Охрид), на првиот кат, во нишата на приемната одаја Дичо извел високо декоративно развиено цвеќе кое се уште е сочувано. Не се знае дали декорирал и други простории и детали во Куќата.
Заслужува внимание и белешката дека Дичо го насликал житието на Св. Прохор Пчински во истоимениот манастир, но бидејќи црквата е урната, а во првите години на 20. век е изградена нова, се смета дека тогаш бил уништен и овој циклус.
Ликовен развој
Неколку периоди го следат творечкиот развој на тресончанецот Дичо. Првиот е неговото школување што завршува околу 1844 година кога го превел и стариот зографски прирачник т.н. Ерминија од грчки на мијачки дијалект. Во Ерминијата се содржани иконографските и техничките белешки за начинот на работа на иконите и на ѕидните слики. Во сликањето на лицата кај Дичо тогаш се уште преовладува основниот маслинесто-окер тон при што окерот ја покрива целата површина, без нагласено осветлување на истакнатите делови. Облеките се крути и тешки, а диплите најчесто со златна боја.Сепак, ликовната обработка иконите е педантна, а барокната декорација присутна.
Иконите од крајот на 40-тите години покажуваат нова, повисока фаза од развојот. Се забележува напредок – посигурно владеење со формата и подиференцирани премини во цртањето на лицата и рацете. Дичо ја открива функцијата на светлината во дефинирањето на формите.
Педесетите години се периодот на творечката зрелост на Дичо Зографот. Иконите се сликани на неутрална, најчесто златна оснва, што на ликовите им ја дава бараната спиритуалност. Впечатокот го дополнуваат раскошните облеки на светителите.
Специфично за еден од најпознатите македонски зографи и претставници на Мијачката школа е што и покрај малите димензии, ликовите на иконите ги задржуваат формата и изразот за разлика од неговите ученици кај кои со смалувањето, најчесто се деформираат.
На почетокот од 60-тите години Дичо го достигнува крајниот дострел на своите творечи можности. Го смалува интензитетот на бојата за сенчење и ја доведува до совршенство играта на светлината и сенките на лицата и рацете на светителите.
Тресонче одбележува 200 години од раѓањето на Дичо
Не се знае точно дали Дичо починал во 1872 или во 1873 година. Но, со оглед дека годината на раѓање е позната, Тресонче утре и задутре одбележува два века од неговото раѓање. По овој повод, организира „Меморијал Дичо Зограф“.
Во сабота и недела, на 31 август и први септември, ќе се одржат неколку културно-спортски манифестации. Одбележувањето ќе почне со тркaта – „Бистра Trail Run 2019″, планинско трчање што го организира „Прв до Врв“ од Скопје. Следува чествувањето на Дичо Зографот во храмот „Св. Петар и Павле“ со пригодна прослава и обраќања, а отворени ќе бидат и Меморијалниот парк „Дичо Зограф“, Спомен-чешмата и Спомен-собата на големиот македонски иконописец и уметник, под покровителство на Општина Маврово-Ростуше и З.Г. Брзовец од Тресонче.
Попладнето во сабота, од 14 часот, по прогласувањето на победниците во трката „Бистра Trail Run 2019“, ќе стартува трката во планински велосипедизам ХЦО МТБ „Меморијал Дичо Зограф“, организирана од „В.К. Енерџи“од Скопје и „З.Г. Брзовец“, под покровителство на „ТРИГЛАВ Осигурување“. И за оваа трка ќе бидат доделени медали и награди на најдобрите.
Во недела програмата почнува уште во девет часот, со стандардните тури по Бистра – „Bistra Adventure 2019“ во организација на „Прв до Врв“ од Скопје (голема тура по падините на Бистра, мала тура до Гари и Лазарополе, мала тура до Галичник).
Денес, во дворот на куќата во која е роден Дичо, се наоѓа куќата на неговите потомци, правнуците Јован (Јоле), Саржо, Мојсо и Темјана Аврамовски. Куќата сега е дом на нивните семејства кои го посетуваат Тресонче. Јован (Јоле) го чувал деда си Аврам, најстариот син на Дичо, се до неговата смрт.
Не се знае точно каде е гробот на Дичо, иако, според некои од неговите внуци, се наоѓа на местото зад олтарот на сегашната црква „Св. Петар и Павле“ во Тресонче.