Министерот за култура Хусни Исмаили вчера и денеска престојува во работна посета на Струмица каде ги посети институциите од областа на културата во овој град, како и објектот каде во тек е изградбата на Стариот театар.
Истакна дека се отстранети проблемите со изградбата на овој објект, кој почна да се гради пред пет години.
-Мене ме радува што по заедничката средба со надзорниот орган, изведувачот и директорот на „Завод и Музеј Струмица“, овие проблеми се отстранети и во иднина ќе се работи на привршување на објектот. Самиот објект е повеќе од 50 проценти завршен-покривањето на објектот, фасадниот дел, електриката, канализацијата сето тоа е завршено и се работи на внатрешно уредување и занаетчските работи. Од друга страна ја искористив приликата да се запознам со Домот на културата во Струмица. Ова е една импозантна градба, но за жал бара темелно реконструирање и треба Домот да се стави како приоритет на Министерството за култура заедно со општина Струмица, рече министерот за култура Хусни Исмаили.
Нагласи дека во Струмица видел многу убави работи, а го пофали уредувањето на Музејот со експонатите и ја истакна потребата музејот да ја добие старата зграда на Архивот во Струмица за проширување на просториите. Рече дека го радува податокот што Струмица има 125 културни настани годишно, односно тоа значи дека секој трет ден во Струмица има некое културно случување, нешто што го нема во други градови и затоа овие процеси треба да се поддржуваат.
На новинарско прашање дали ќе се издвојат повеќе средства за реализиација на културните програми во помалите градови, министерот Исмалили одговори дека и во другите градови има такви побарувања и оти како Министерството стојат на располагање се што е во нивна можност и моќ да се помогаат програмите од културата, но да се воспостави некој ред прво да се решаваат приоритетите, а паралелно со тоа и другите цели и обврски кои ќе се договарат со културните институции во Струмица.
Според директорот на НУЦК „Завод и Музеј Струмица“, Ацо Манински, изградбата на Стариот театар во Струмица може да се очекува да заврши до крајот на оваа или на почетокот на 2020 година. Тој истакна дека се забрзани работите околу завршувањето на изградбата благодарение на ангажманот на Министерството, а доцнењето според Манински се должи на нерасчистените односи меѓу изведувачот и надзорот.
Директорот на НУЦК „Антон Панов“, Ванчо Ристов Патриков, пак, истакна дека во Центарот за култура мора да се реконструира покривот и седиштата во големата сала, а досега со сопствени средства се реновирани тоалетите, теписоните во холовите и светлото.