Нови артефакти и сознанија донесоа годинашните истражувања на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука кај Прилеп. Според македонските археолози и стручњаците од Европа, локалитетот кој датира од пред 8 000 години, со траги на живот од антиката и од средновековието, донесе нови сознанија и се сместува во еден од позначајните во земјава и ретките од тој период во Европа.

Како што објаснува доц. д-р Гоце Наумов од Музејот на Република Северна Македонија, новите сознанија потврдија дека нашите предци, кои биле меѓу првите земјоделци во Пелагонија, живееле интензивно, граделе повеќеслојни куќи, користеле пченица, јачмен, леќа, грашок и експериментирале со диви плодови во исхраната. Откриени се 11 економски објекти и 30-ина мелници за жито, нови шест скелети од преку вкупно 20 од средновековието кога било некропола и редок жртвеник-масичка со остатоци од животински коски.

Наумов рече дека откриле ретка масичка-жртвеник во кој како ретко кога се пронајдени коски и траги од горење. Тоа се животински коски и сега имаат индикации за што се користеле. Вакви жртвеници се многу ретки, а на овој локалитет е прв пронајден. Тоа е еден од поекслкузивните наоди кој го откриле годинава. Не е од најраните фази и е стар околу 7 800 години. Овој локалитет е мошне интересен зашто и годинава е потврдено дека станува збор за повеќеслојна неолитска населба која во антиката е користена како стопански објект за чување жито, а во средниот век како некропола. Во меѓуфази тумбата се користела за чување жито. Јамите откриени се од средновековието и навлегуваат во неолитските слоеви.

-Токму поради тоа имаме подобар увид за неолитските слоеви. Констатираме дека во некои делови од неолитската населба имаме градење дури и четири до пет куќи една врз друга. Значи дека се живеело многу динамично и интензивно и од соработките со странските институции добивме датирање на староста на локалитетот. Дознаваме дека луѓето овде, во континуитет, со генерации, живееле од 200 до 250 години. Тоа е импонзантен податок дека толку мала неолитка населба, во релативно краток период од околу 250 години има повеќеслојно градење. Сега знаеме дека има интензивно, динамично живеење на земјоделци кои, на некој начин, овде во Пелагонија го донеле земјодлството, зашто пред 8 000 години не е докажано дека на овие простори, во Пелагонија, имало земјоделство. Знаеме дека земјоделците граделе многу цврсти, стабилни градби. Откривме дури 11 стопански структури за чување, обработка на житото, како и 30-ина мелници. Откривме дека тие се превртени, зашто така правеле пред да го напуштат објектот и да живеат на друго место. Едноставно ги сплаувале, според обредните обичаи, објаснува Наумов.

Христијан Талески, истражувач од Институтот за старословенска култура ги објаснува наодите од средновековниот период и откриените нови скелети од некрополата кои датираат од 10 до 12 век.

-Од средновековниот период и годинава се откриени складишни јами и погребувања, зашто во одреден период просторот бил користен како некропола. Досега се откриени преку 20 скелети, од кои шест годинава. Според анализата на човечки заб, тие се датираат од 10 до 12 век. Годинава не документиравме слоеви од Римскиот период зашто доста има оштетувања од текот на времето, изјави Талески.

Локалитетот Врбјанска Чука со неолитски, антички и средновековни фази веќе четири години се истражува од Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј од Прилеп, Центарот за истражување на предисторијата, со Музејот на Република Северна Македонија и со соработници од странство. Професорот по археоботаника Феран Антолин од Базел, Швајцарија, е фасциниран и смета дека ова е еден од ретките во Евриопа кој дава увид за неолитот, како луѓето живееле кои мошне здраво се хранеле и какви последици оставиле за таквите населби низ Европа.

-Тука сум за да помогнам да откриеме како луѓето во неолитот се организирале и живееле, како се прехранувале и се занимавале со земјоделство. Годинава првпат го применуваме нашиот метод за потврдување на житарките, пченица, јачмен, како и леќа и грашок. Се користеле и диви растенија, некултивирани што укажува на фактот дека покрај со земјоделство, луѓето се занимавале со собирање други плодови. Имале многу здрава исхрана. овој локалитет има исклучително значење. Особено е стар и е еден од првите во Европа кој го има овој вид стопанство и потоа се проширува во другите региони. Сочуваноста на органските остатоци е неверојатно добра што овојзможува одличен увид во начинот на исхраната на луѓето, изјави професорот Антолин од Швајцарија.

Деновиве се заокружуваат едномесечните истражувања на Врбјанска Чука, кои се во континуитет четврта година. Досега се испитуваа наоди во лабаратории во Германија, Чешка, Полска и Шпанија. Сега ќе се заштити објектот, ќе се направат последни снимки со дрон за целосен увид во наодите и во локацијата и ќе се анализираат најновите наоди.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2019 00:17