Изложба на дигитални колажи на Марија Смилевска ќе биде отворена вечер во 19 часот на плоштадот во Автокоманда, во организација на Културниот центар 750.

– Преку мистериозните фигуративни форми позиционирани во имагинарни амбиенти, дигиталните колажи на Смилевска го повикуваат гледачот да комуницира со внатрешниот свет на осамените личности, соопшти организаторот на изложбата која ќе биде отворена до 5 септември, секој ден од 19 до 22 часот.

Марија Смилевска (Скопје, 1980) дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Работи како графички дизајнер, слика и прави дигитални колажи-илустрации.

Досега имала три самостојни изложби во Скопје, а нејзини дела биле застапени на повеќе групни изложби, едно биенале, мултимедијални перформанси, истражувачки проекти и интервенции во јавен простор, во Скопје, Кавадарци, Берлин и на островот Корчула во Хрватска.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2019 10:48