Седум претстави и еден документарен филм се на програмата на шестиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој Театар Комедија го организира секоја година во соработка со Општина Аеродром во населбата Ново Лисиче. Оваа година фестивалот наместо во јуни се организира овој месец, од 2 до 9 септември, со бесплатен влез за посетителите.

Покрај домашни, ќе бидат изведени и две гостински претстави – од Ниш и од Загреб. Фестивалот „Гола месечина“ вечер ќе го отвори Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“. Утревечер е првата гостинска претстава – „Кнегињата од Фоли Брежера“ на Народно позориште Ниш, а во наредните пет дена ќе бидат изведени претставите: „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово; „Забрането смеење“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица; „Како да се ограби банка“ на Драмскиот театар; „Каде е пиштолот?“ на Народниот театар Охрид и „39 степеница“ на Загребачко градско казалиште „Комедија“ од Загреб.

Фестивалот свечено ќе биде затворен идниот понеделник, 9 септември, со доделување на наградите и премиерно прикажување на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова (1942-1997). На затворањето на 6. „Гола месечина“ за посетителите ќе има и стендап на Никола Тодоровски.

Општина Аеродром од буџетот одвои 1.200.000 денари и логистички му помога на организаторот, Театар Комедија, успешно да го реализира фестивалот кој, како што соопшти, игра важна улога во развојот на културниот живот во општината и е нејзин заштитен знак.

Претставите ќе се изведуваат во спортскиот центар „Ново Лисиче“ со почеток во 20 часот. За наградите за претставите од програмата ќе одлучува тричлено меѓународно жири.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2019 09:52