Кинотеката вечер за филмофилите организира ретрокино со неколку наслови од филмската класика, снимени во класичните формати 16 мм и 35 мм. Ќе бидат прикажани во паркот на Кинотеката од 20 часот.
Проекцијата ќе почне со 10-минутни филмови на француските браќа Луј и Огист Лимиер кои ја почнале историјата на филмот на 28 декември 1895 година во Индискиот салон на Гран-кафе во Париз, со прикажување неколку кратки филмови. Изумителите на направата „кинематограф“ пред 120 љубопитни гледачи во парискиот Гран-кафе првпат јавно прикажале 10-ина кратки филмови.
Скопската публика вечер ќе има можност да го види и францускиот 13-минутен филм „Патување до Месечината“ од 1902 година во режија на Жорж Мелиес.
– Ако филмовите на браќата Лимиер се сметаат за никулци на документаристиката во филмот, „Патување до Месечината“ е родоначалник на играниот род, соопшти Кинотеката за овој филм кој е фантастична авантура за група астрономи кои организираат патување до Месечината.
Покрај француските филмови, вечер ќе бидат прикажани и 67-минутниот германски игран филм „Кабинетот на доктор Калигари“ од 1920 година во режија на Роберт Вине и нашиот игран филм „Македонска крвава свадба“ снимен во 1967 година по сценарио на Славко Јаневски (според драмата на Војдан Чернодрински), во режија на Трајче Попов.
Кинотеката соопшти дека со проекциите ќе им овозможи на посетителите да ја доживеат киноатмосферата за време на летните периоди во Скопје пред неколку децении кога постоеја неколку летни кина на отворено. Влезот на проекциите е бесплатен, а на посетителите на настанот ќе им биде достапен и избор од домашни крафт пива.