Во дворот на Даут-пашин амам денеска ќе биде отворена изложба од најубавите дела создадени на детските креативни работилници „Летни приказни“ организирани во текот на летото од Националната галерија.
Во проектот„Летни приказни“ ова лето учествуваа деца од повеќе училишта и едукативни центри, кои под менторство на едукаторот Маја Димитрова имаа можност да работат во различни ликовни техники на различни теми поврзани со летото и распустот.
-Во креативниот циклус беа анимирани теми кои се составен дел од летниот распуст како: „Во морските длабочини“, „Сладолед“, „Овошјето како уметност“, „Градот убав пак ќе никне“, „Жнееме и твориме“. Во текот на летните креативни другарувања во светот на имагинацијата бевме на море, нуркавме во морските длабочини и се дружевме со морскиот свет. јадевме вкусни овошја, сладоледи. Летото е забавно и на село, кај баба и дедо, бевме и на поле, жнеевме и творевме. Се запознавме со јогата како техника за правилен психофизички развој, социјализација и подигнување на креативноста. Го одбележавме 26 јули – денот на катастрофалниот земјотрес, го градевме Скопје и што ли уште не … Резултатот беше: насмеани и среќни креативци, соопшти Националната галерија.