Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ вечер во Домот на Армијата во Скопје организира свечена академија со која и официјално ќе заврши традиционалната дваесетта манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“.
Манифестацијата годинава е под знакот на 109-годишнината од раѓање на Мајка Тереза.
На академијата, која се одржува на денот на упокојувањето на Мајка Тереза, на истакнати хуманисти и здруженија ќе им бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на Св. Мајка Тереза.
Годинашни добитници се граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ (претседател Душко Христов) и „Еурохуман Интернационал“ (претседател Сејфула Бектеши), Општина Центар (градоначалник Саша Богдановиќ), Месната заедница Ласкарци – Општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ – заменик командир во ПС Центар, Сергеј Самсоненко – бизнисмен и хуманист, Свето Стаменов – новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист, Злате Поповски – македонски иселеник, добротвор и хуманист од Мелбурн, Австралија и 13-годишниот охридски пливачки маратонец Марко Пејчиновски.
Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје со солистите Вултет Назири (обоа) и Јане Дунимаглоски (тенор), под диригентство на Ванчо Јовчев. Ќе настапи оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски.
Манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“ почна на 26 август, роденденот на Мајка Тереза, со полагањето цвеќиња на спомен-плочата на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улица „Македонија“. Потоа во Домот на АРМ беше отворена изложба на ликовни дела и фотографии посветени на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза и на фотографии на старо Скопје и беше промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.