Министерот за култура Хусни Исмаили, денеска беше во работна посета на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците каде се сретна со директорот Скендер Асани.
Исмаили и Асани разговараa за реализацијата на проектите на Институтот што се поддржани од Министерството за култура, при што министерот за култура рече дека Министерството ќе продолжи да ги поддржува културните проекти на Институтот, особено во областа на заштитата на културното наследство на Албанците во Северна Македонија.
Директорот Асани, од своја страна, му се заблагодари на министерот за посетата и изрази задоволство за поддршката на Институтот, како и убедување дека соработката ќе продолжи во иднина. Тој го запозна министерот со реализираните проекти, со новите предизвици со кои се соочува Институтот и со целите што ги има Институтот на научен и на културен план.
Министерот Исмаили, како што соопшти Министерството за култура, учествуваше и на промоција на книга за Кол’ Бојаџиу, која, исто така, е поддржана од Министерството за култура.
Исмаили, на новинарско прашање до каде се работите на реконструкција на Албанскиот театар, рече дека прави се што е во негова моќ рабтите да се довршат.
– Пред неколку недели имаше едно ново барање од театарот за дополнителни средства во висина од 60 милиони денари, што ги поминавме на седница на Влада, тоа е доставено и до Министерството за финансии, и верувам дека тие се веќе доставени до самиот театар, така што работите ќе бидат довршени некаде до крајот на годиата, доколку не искрсне нешто ново во врска со театарот, појасни Исмаили.