Комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ денеска информира дека има голем интерес и пристигнале 87 авторски ракописи. Ги издвојуваат следниве поетски ракописи: „Капе времето“ на Виолета Танчева Златева, „Јазикот на светлината“ на Сузана В. Спасовска, „Градот“ на Иван Џепаровски, „Дупка“ на Александра Димитрова, „Граници“ на Михајло Свидерски, „Ѕидање на времето“ на Искра Пенева, „Музеј на чувствата“ на Јосип Коцев и „Кожена душа“ на Емануела Ковачевска.

Како што соопшти тимот на „Антево перо“, во состав на жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ се проф. д-р Венко Андоновски (претстедател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).

Комисијата својот прв консултативен состанок, како што се наведува, го одржа на четврти септември 2019 година.

– Изразувајќи нескриено задоволство од рекордниот одѕив на овој Конкурс, посветен на нашиот поетски великан Анте Поповски, Комисијата констатира дека во голем број од пристигнатите збирки е присутно вистинско шаренило од теми, умешно и успешно обработени, што севкупно ги чини поетски дела со респектабилни естетски вредности, се вели во соопштението.

Комисијата ги издвоила осумте дела раководејќи се од севкупниот впечаток и целовитоста на поетскиот израз. Редоследот на номинираните, како што се наведува, нема вредносно значење.

– Жири комисијата не го крие своето задоволство што и покрај постоењето на голем број поетски фестивали и награди во земјава, годинава името на Анте Поповски беше дополнителен мотив рекорден број автори да конкурираат за поетското признание „Антево перо“. Со чувство на особена радост, Комисијата ги споделува и податоците за извонредниот одзив на млади автори, како и за учеството на Конкурсот на автори кои творат на македонски јазик од Австралија, Шведска и Србија, информира тимот на „Антево перо“.

Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ ќе се одржи од 27 до 29 септември 2019 година во Скопје и Лазарополе. Востановена е во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија Анте Поповски.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2019 17:20