Основачот на маркетинг-агенцијата за филм „Алфапанда“ (Alphapanda) Матијас Ношис на 2 и 3 октомври во Скопје ќе одржи предавање и работилница специјално наменета и адаптирана за македонските филмски професионалци за нивно усовршување во областа на филмскиот маркетинг и развојот на маркетинг-стратегија, соопшти МЕДИА Деск МК.
Во програмата ќе бидат опфатени главните аспекти на маркетинг во филмот со фокус на маркетинг-стратегии за независни филмови, како и практични совети за апликацијата на МЕДИА во делот кој се однесува на маркетинг-стратегија. Дополнително, одбрани проекти ќе имаат можност за индивидуални консулатации со Матијас Ношис.
Агенцијата „Алфапанда“ има свои канцеларии во Берлин, Варшава и Женева, а дел од нејзините клиенти се „20th Century Fox“, „Warner Bros“, Евроспките филмски награди, како и филмовите „Фаворитот” на Јоргос Лантимос, „Облик на водата“ на Гилермо Дел Торо, „Не допирај ме“ на Адина Пинтилие…
Предавањето кое ќе се одржи на 2 октомври е отворено за јавност, но поради ограничен број на места потребна е потврда за учество, информира МЕДИА Деск МК.
Во рамки на претстојниот ИФФК „Браќа Манаки“, пак, МЕДИА Деск МК на 19 септември во Битола ќе организира филмски разговори на тема „Успех“, во соработка со МЕДИА Хрватска и Хамбург. За тоа колку успехот може да биде поттик или стапица ќе зборуваат швајцарскиот кинематографер Рајнер Клаусман, најпознат по соработката со Фатих Акин, германскиот режисер Макс Цале номиниран за Оскар, Дубравка Туриќ, монтажерка од Хрватска чие режисерско деби доби награда за најдобар краток филм во Венеција, и македонската режисерка Елеонора Венинова која со својот последен краток филм имаше премиера во програмата „Кензен“ во Кан. Во Битола ќе дојде и Мартина Петровиќ, директорка на МЕДИА Хрватска, со која нашите филмски професионалци ќе може да закажат индивидуални консултации.
Оваа година нашата земја стана дел од „Еуро конекшн“ (Euro Connection), платформа за копродукции на кратки филмови во рамки на фестивлаот „Клермон Феран“ во Франција, со што и македонските продуценти ќе може да аплицираат преку МЕДИА Деск МК кој е национален координатор на оваа платформа.
МЕДИА Деск МК наведува дека досега оваа година македонските проекти добиле вкупна поддршка од 353.867 евра од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА.