Владата на Лудовик Орбан подготвува нацрт-закон со кој ќе се намалат платите на високите функционери за 25 проценти за време на вонредната состојба, изјавиле политички извори за романскиот весник „Адеверул“.

Мерката може да се продолжи до есен кога ќе започне следната парламентарна сесија. Паралелно, владејачката Национално-либерална партија подготвува и укинување на специјалните пензии за парламентарците, со закон или со вонреден декрет, пишува весникот.

Планираното намалување на платите на високите државни службеници доаѓа во време кога владата на Орбан одлучи да ги испрати буџетските работници во технолошка невработеност 15 дена месечно за да се заштедат пари. Притоа, либералите сакаат да покажат дека мерките за штедење, предизвикани од коронавирусот, не важат само за обичните луѓе, туку и за парламентарците, пишува весникот.

Орбан објасни дека спроведувањето на мерката за техничка невработеност во одредени сектори на државниот систем може да резултира со заштеда во буџетот од 1,2 милијарди до 1,5 милијарди леи (едно евро се разменува за 4,83 леи).



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2020 21:36