Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) информира дека во текот на вчерашниот ден се потврдени нови 23 случаи на заразени од новиот коронавирус, со што официјалната бројка на носители на Ковид-19 во земјата достигна до 250, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од новозаразените, 18 лица се од општина Урошевац, двајца од Витина и по еден од Генерал Јанковиќ, од Призрен и од Приштина.

Во лабораторијата на Институтот вчера се испитани примероците на 189 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот, а вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 2.876.

Во синоќешниот извештај на ИШПК се наведува дека во петокот се потврдени 14 случаи на излекувани од Ковид-19, со што вкупната бројка на лица кои ја пребродиле заразата достигна до 52.

Вчера не е регистриран ниту еден нов смртен случај, така што официјалната бројка на жртви на заразата во Косово и натаму е седум.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2020 14:39