Дом за стари лица во областа Неа Макри во источниот дел на регионот Атика, од доцна синоќа е во карантин, по наредба на заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас откако било потврдено присуство на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, најмалку десет лица сместени во домот и двајца вработени се позитивни на коронавирусот.

Официјално не е потврден бројот на заразени лица, а од Генералниот секретаријат за цивилна заштита доцна синоќа соопштија дека Домот за стари лица е во карантин, по резултатите од 122 анализирани примероци.

Претставници од Националната организација за јавно здравје на Грција, откако претходно бил потврден еден позитивен случај, вчера, извршиле проверка на сите вработени и сите сместени лица во домот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2020 11:52