По уривањето на објектот на Националниот театар во Тирана, на Фејсбук се огласи и премиерот Еди Рама,кон кого и опозицијата и актерите, а и претседателот на државата, го вперија прстот како главен виновник.

Рама објави видео запис на кој прикажува фотографии и прави споредба од протести против проекти на владата и сегашни фотографии, како изгледа детското игралиште, плоштадот Скендербег, новиот пазар, стадионот и други, а завршува со фотографија од стариот и како ќе изгледа новиот театар.

-Демонстрантите се истите оние луѓе кои протестираа и против други големи проекти. Оние кои протестираат за зачувување на зградата не сакаат развој на главниот град,напиша Рама.

Ако стариот театар е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство, новиот е на данскиот архитект Бјарк Ингелс, кој е основач и креативен партнер на меѓународно реномираната фирма Bjarke Ingels Group (BIG).

Ќе се гради на парцела од 86.000 квадратни метри во центарот на Тирана, односно на плоштадот Скендербег, каде веќе се наоѓаат Националната опера и Националната уметничка галерија.

Ќе биде во форма на пеперутка вратоврска и модерна противтежа на постоечките објекти, додека плоштадот ќе стане заокружена, оформена целина наменета исклучиво за пешаци.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2020 12:58