Најмалку 78 лица загинаа, а околу 4.000 се повредени во експлозијата што вчера се случи во пристаништето во центарот на Бејрут, соопштија либанските власти.
Тој дел од градот е уништен, голем број згради се речиси целосно оштетени.
Според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, експлозијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени, а се слушнала и подалеку од Кипар, на повеќе од 200 километри преку Медитеранот.
Либанскиот претседател Мишел Аун синоќа изјави дека е недозволиво 2.750 тони амонијак, за кој се претпоставува дека е причина за експлозијата во Бејрут, да се чува шест години без никакви безбедносни мерки.
Аун на Твитер побара одговорните за овој пропуст да бидат „строго казнети“.
Абас Ибрахим, шеф на државната безбедност на Либан, претходно изјави дека експлозијата е предизвикана од високо експлозивен материјал одземен од брод пред некое време и складиран во пристаништето.
Премиерот на Либан, Хасан Диаб синоќа изјави дека одговорните за големата експлозија во опасниот магацин во бејрутското пристаниште, ќе ја платат цената за тоа.
– Ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност… Одговорните ќе ја платат цената, истакна Диаб.
Тој додаде дека магацинот се наоѓа во пристаништето од 2014 година, но оти нема да зборува за тоа, бидејќи истрагата за причините за експлозијата се во тек.
Арапските медиуми објавија дека сопругата и ќерката на либанскиот премиер Диаб, како и неколку негови советници, се повредени.
Врховниот либански совет за одбрана го прогласи градот Бејрут како област погодена од елементарна катастрофа и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба во либанската престолнина, се наведува во соопштение од Советот.
Во меѓувреме, високи официјални претставници од многу земји понудија хуманитарна и каква било друга помош на Либан во решавањето на катастрофата, во период кога земјата се справува и со пандемијата на коронавирусот и со економска криза.
Израелските министри за одбрана и за надворешни работи, Бени Ганц и Габи Ашкенази изјавија дека Израел преку меѓународни безбедносни и дипломатски канали и понуди медицинска и хуманитарна помош на либанската Влада.
Претходно, шефот на француската дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на Твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ“.
Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.
Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.
Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“, додека, пак, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис преку официјалниот Твитер профил изрази подготвеност за каква било неопходна помош.
И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.
– Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан, напиша Зариф на Твитер, додавајќи оти Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош“