По реставрацијата, древната Јужна гробница од времето на владетелот Џосер – фараон на Египет кој живеел пред повеќе од 4.500 години, сега е достапна за јавноста.

Структурата се наоѓа претежно под земја и има лавиринт од ходници, украсен со хиероглифски резби и плочки. Во средишното погребно окно има масивен саркофаг од египетската Трета династија. Сепак, фараонот всушност не е погребан таму, туку во блиската „Скалеста пирамида“. Двете гробници се дел од комплексот Сакара близу Каиро – едно од најбогатите археолошки наоѓалишта во Египет.

Според УНЕСКО, Скалестата пирамида е најстарата позната пирамида и еден од раните примери на монументална архитектура од древниот свет. Се верува дека била инспирација за пирамидите во Гиза.

Египетското Министерство за антиквитети и туризам соопшти дека отворањето на гробницата оваа седмица го означи завршувањето на реставраторските работи што започнаа 2006 година, кои имаа цел зајакнување на подземните ходници, реновирање и заштита на резбите и поплочените ѕидови и поставување на осветлување. Гробот е отворен за јавноста од вчера.

Покрај јужната гробница, во Сакара има најмалку 11 пирамиди, вклучувајќи и стотици гробови на тогашни државнии големци, почнувајќи од Првата династија (2920 г. – 2770 г. пр.н.е.) до Коптскиот период (395-642). Наоѓалиштето е дел од поголемата некропола на древноегипетската престолнина Мемфис, којашто ги вклучува и познатите пирамиди во Гиза, како и помалите пирамиди во Абу Сир, Дахшур и Абу Рувејш. Урнатините на Мемфис беа прогласени за светско наследство на УНЕСКО во 1970-тите.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2021 02:27