Иако е добро позната врската меѓу квалитетниот сон и здравото срце, научниците сè уште ги разработуваат подробностите. Ново истражување посочува дека постои оптимално време за спиење навечер.

Се разбира, причините за нарушувања на спиењето понекогаш се надвор од нашата контрола. Тој којшто има такви проблеми треба да побара и лекарска помош.

– Прерано или предоцна одење во кревет може да го наруши внатрешниот часовник на телото. Но, корисно е да се знае дека легнувањето меѓу 22 и 23 часот е корисно за кардиоваскуларниот систем. Телото има 24-часовен внатрешен часовник, или деноноќен ритам, кој помага во регулирањето на физичкото и менталното функционирање, вели психологот Дејвид Планс од Универзитетот на Ексетер.

Студијата анализирала податоци за 88.026 лица од британската биомедицинска база на податоци (UK Biobank), собрани меѓу 2006 и 2010 година. Од нив, 58 отсто од учесниците биле жени, а просечната возраст била 61 година. Податоците за тоа кога поединците заспивале и се буделе, биле утврдени со мерачи на рачниот зглоб. Откриено е дека 3.172 учесници (3,6 отсто) развиле кардиоваскуларни заболувања во набљудуваниот период.

Тоа, според истражувачите, значи дека одењето в кревет пред 10 или после полноќ може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести.

– Најризичното време за легнување е по полноќ, потенцијално, затоа што веројатноста за будење наутро, што „го ресетира“ внатрешниот часовник, се намалува, вели Планс.

Во секој случај, резултатите се конзистентни со претходните истражувања и покажуваат дека луѓето кои си легнуваат предоцна, имаат зголемен ризик од кардиоваскуларни проблеми.

– Доколку нашите наоди дополнително се потврдат во други испитувања, основната „хигиена на спиење“ може да стане евтин начин за намалување на кардиоваскуларните болести, заклучува Планс.

Истражувањето е објавено во „Јуропијан харт џурнал“ (The European Heart Journal).



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2021 13:04