Јули 2023 година веројатно ќе биде најтоплиот месец во последните стотици, ако не и илјадници години, изјавија научници на НАСА на тркалезната маса со новинари, предупредувајќи дека топлината само ќе се влошува.

- Гледаме невидени промени ширум светот. Топлотните бранови што ги гледаме во САД, Европа, Кина и уривањето на температурните рекорди … Не е изненадување, рече Гевин Шмит, директор на Годард Институтот за вселенски студии на НАСА.

Јуни 2023 година веќе беше најтоплиот јуни досега, а јули најверојатно ќе биде најтоплиот месец во целина.

- Од науката знаеме дека човековата активност, првенствено емисиите на стакленички гасови, недвосмислено го предизвикува затоплувањето што го гледаме на нашата планета, рече Кејт Калвин, главен научник и виш советник за климата во НАСА.

Научниците на НАСА појаснија дека податоците собрани и анализирани од Институтот Годард веќе укажуваат на тоа. „Има децениско зголемување на температурите во последните четири децении“, рече Шмит.

Американската вселенска агенција последен пат забележа таков пораст на температурите во јули и август 2016 година поради супер Ел Нињо во текот на зимата 2015 и 2016 година. Но, овој пат тоа не е уште еден настан сличен на Ел Нињо. Топлотните бранови кои моментално се гледаат се резултат на целокупното затоплување ширум светот, особено во океаните.

- Сведоци сме на рекордни температури на површината на морето, дури и надвор од тропските предели, веќе многу месеци. Ќе предвидиме дека тоа ќе продолжи, а причината зошто мислиме дека ќе продолжи е затоа што продолжуваме да ослободуваме стакленички гасови во атмосферата, рече Шмит.

- Шансите се 50-50 2023 година да биде најтоплата година досега. Но, 2024 ќе ја надмине. Следната година ќе биде уште потопла поради порастот на Ел Нињо, рече Калвин. Други научници на НАСА веруваат дека има 80 проценти шанси 2023 година да биде најтоплата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2023 16:49