По синоќешното дерби во Ла Лига на „Местаља“ меѓу Валенсија и Реал Мадрид кое заврши нерешено 2-2, тренерот на Кралскиот клуб Карло Анчелоти го критикуваше главниот судија на натпреварот Хезус Хил Манзано.
Валенсија имаше водство од 2-0, пред Реал да успее да го израмни резултатот, а спорниот момент се случи кога главниот судија отсвири крај на дуелот секунда – две пред напаѓачот на гостинскиот тим Џад Белингем да ја затресе противничката мрежа.
Поради таквата одлука, играчите на Реал жестоко реагираа, а Белингем беше исклучен.
На конференцијата за новинари по натпреварот Анчелоти ја нарече судиската одлука „преседан“.
„Нема тука многу што да се каже. Ова е преседан. Ова сè уште никогаш не ми се случило во кариерата. Да отсвирите крај на натпреварот во тој момент беше грешка“, рече Анчелоти.