Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и Метин Акташ, претседател на индустриската зона „Тире“ од турскиот град Измир, потпишаа протокол за соработка помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“.
Со потпишување на протоколот за соработка ќе се зајакнат деловните односи помеѓу зоните, ќе се промовира, проширува и подобрува економската соработка меѓу двата града и региони, информираа од секторот за односи со јавност на Општина Битола.
-Потпишаниот документ ќе ја зајакне воспоставената добра соработка помеѓу Битола и Измир, за што потврдува и првата инвестиција од Измир. Станува збор за турската компанија за производство на лифтови „ARLIFT“, која заедно со бизнис партнери од Битола, одлучи да инвестира во Индустриската зона „Жабени“. За време на посетата на Турција, градоначалникот Коњановски се сретна и со градоначалникот на Измир, Џемил Тугај и градоначалникот на Тире, Хајати Окуроглу, со кои беа разменети искуства од досегашното работење, а беа претставени и идните планови за економски напредок на градовите, информираа од тамошната локална самоуправа.
Во делегацијата од Пелагонискиот регион која е во посета на Турција се и градоначалниците на општините Прилеп и Новаци, претседателите на Стопанските комори од Битола и Прилеп, директорот на индустриската зона „Жабени“ и други претставници на деловната заедница