Кумановци да не пијат вода за пиење од водоводот, поради заматеност од вчерашните врнежи од град и дожд во липковско, алармираат од Центарот за управуавње со кризи.

Утрово, до Центарот за управување со кризи до Секторот за операции и координација е побарана координација помеѓу институциите заради надминување на настанатиот голем проблем за водоснабдување на градот Куманово. Имено, по вчерашните обилни поројни врнежи од дожд и град во липковскиот регион е предизвикано зголемување на нивото на Липковска Река, што има влијание на системот за водоснабдување – на филтер станицата на ЈП „Водовод“ Куманово.

-Според информација од одговорното лице на филтер станицата, се работи за количина на над 10.000 m3 заматена вода што влијае на процесот на прочистување и испорака на истата до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните, што најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден, а по потреба, се до моментот на надминување на состојбата, нагласуваат од ЦУК.

Од Центарот за управување со кризи, веднаш е побарано инспекциските служби на Центарот за јавно здравје од Куманово да излезат на самото место, направат увид, земат мостри за анализа и донесат соодветно решение за понатамошна постапка.

Истовремено е известена и Општина Куманово за понатамошна постапка, во насока преземање мерки и активности за надминување на состојбата во интерес на граѓаните, а во моментот е воспоставена комуникација со медиумите заради известување на граѓаните на Куманово.

Најавено е дека во 12.00 часот ќе заседава Општинскиот штаб со сите претставници од институции во Општина Куманово.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2024 23:12