На локација во близина на охридското село Велестово, посочена како потенцијално НАТУРА 2000 подрачје на планината Галичица беше одбележан Денот на НАТУРА 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот.
Потенцијалниот НАТУРА 2000 локалитет е дел од Националниот парк „Галичица“, во кој се регистрирани преку 37 растителни заедници, повеќе од 40 живеалишта со над 1600 растителни видови и над 3200 животински видови.
За изборот токму Галичица да стане дел од проектот НАТУРА 2000 што опфаќа најголема координирана мрежа на заштитени природно подрачја во светот говореше Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија кој се наврати на почетоците на мрежата, пред 32 години Европската Унија ја усвои Директивата за живеалишта и Програмата „Life“.
„Покрај тоа што е совршено место да се ужива во недопрената природа, Галичица, исто така не потсетува колку е важно да се зачува природата и дека секој од нас има улога во тоа. Заштитата се протега многу пошироко од само прогласување на едно место како подрачје од вредност. Потребно е солидно управување од страна на соодветни и компетентни кадри и соодветни финансиски ресурси, но и континуирани заложби за да се возобнови она што било оштетено и да се зачува тоа што сѐ уште е во добра состојба. Тоа е прашање на голема итност насекаде, а зелената агенда на ЕУ става фокус на тоа што значи дека ќе следат и ресурси, поради тоа што биоразновидноста е крвотокот на нашата планета која мора да ја заштитиме за идните генерации“, рече Нупнау.
Даниел Богнер, тим лидер на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“ објасни дека ова подрачје изобилува со тревни површини кои се приоритетни области за заштита во ЕУ и за нив е потребно дополнително внимание, бидејќи се дом на околу 120 различни видови на растенија, а со секое растение се поврзани различни инсекти кои пак се храна за многу птици.
„Синџирот во биодиверзитетот зависи од тревните површини, а тие се под закана што е тренд кој се јавува секаде низ Европа, луѓето си заминуваат од руралните подрачја, земјоделието се напушта и овие тревни површини се обраснати со различни видови на грмушки, ставајќи го биодиверзитетот под закана да биде изгубен во иднина. Ова е задача за институциите и за Националниот парк кои преку добро управување со овие подрачја можат да помогнат во негово зачувување“, истакна Богнер.
Климент Нанев, од НП „Галичица“ рече дека поради зголеменото човеково влијание, загадувањето и другите неповолни појави врз природата од несомнено значење е воспоставување на една ваква мрежа која ќе ги вмрежи не само веќе заштитените, туку и другите Натура 2000 подрачја кои ќе се номинираат во иднина за нивното вмрежување да биде целисходно и да се заштитат како на важните живеалишта така и видовите кои живеат во нив.
Можноста за набљудување во природа и запознавање со биодиверзитетот во НП „Галичица“ ја имаа учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид и ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје преку работилница која беше предводена од страна на едукатор од Националниот парк и неколку експерти.