Околу 400 матуранти од охридските средни училишта денеска беа дел од убавата традиција полнолетството да биде прославено со танц што истовремено се игра во повеќе градови во земјата и во други градови низ Европа.
Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, посакувајќи им реализација на она што го замислиле за својата иднина, да сонуваат и да не се откажуваат од соништата...
- Оние кои се доволно луди да мислат дека можат да го променат светот се оние и кои го прават тоа. Во животот разликата помеѓу успехот и неуспехот помалку или повеќе се должи на храброста. Човекот не може да се искачи по скалилата на животот со рацете в џеб, рече тој.
Пецаков уште им порача секогаш да се однесуваат добро и да не дозволат никој да им го наруши интегритетот, да бидат љубезни и великодушни кон луѓето околу нив
- Успешните луѓе секогаш бараат можност да им помогнат на другите. Неуспешните луѓе секогаш прво прашуват „А јас што ќе добијам од тоа?“. Сонувајте големи сонови и бидете оптимисти со што и да се занимавате во животот“, рече Пецаков.
Првата Матурска парада се одржа во 2001 година во Словенија, како идеја на Томаж Амброж од Танцовата школа „Уршка“ во Љубљана.