Изминатото деноноќие, регистриран е еден пожар на отворено. Пожарникари од Радовиш гаснеле шумски пожар во селото Коџалија, над гробиштата, од 18:30 часот до доцна во ноќта, а гаснењето е најавено да продолжи и денеска, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што се појаснува, со пожарот е зафатена дабова шума. На лице место била и екипа од тројца вработени од Национални шуми подружница „Плачковица“.

Регионалниот центар за управување со кризи - Битола соопштил дека во близина на поранешниот гарнизон во градот, при изведување градежни земјени работи, пронајдени се 1.408 пушки од балкански војни. Тие биле подигнати и складирани на безбедно од страна на Дирекцијата за заштита и спасување - Битола.

- Се предупредуваат граѓаните, ако случајно пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани бојни средства од минатите војни, да не ги фаќаат и да не ги поместуваат, да ги пријават локацијата и виденото на 112 во ЦУК, а потоа надлежните безбедно ќе ги отстранат и неутрализираат, согласно стандардни оперативни процедури, се истакнува во денешното соопштение.

Поради најавата за појава на локалните кратки, но нагли метео промени од Управата за хидрометеоролошки работи, од ЦУК препорачуваат да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита.

- Особена внимателност се препорачува при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења - да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Истовремено се потсетува за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово - Велес, Маврово - Дебар - Струга, Виница - Берово и Кочани - Делчево, наведуваат од ЦУК.

Вкупно 1.714 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК се регистрирани изминатото деноноќие.

- Од нив, „реални“ - 61,84 отсто, а 38,16 проценти за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 61,73 отсто, кон Итната медицинска помош - 31,69 проценти, а кон пожарникарите - 1,23 отсто, од реалните повици, појаснуваат од ЦУК



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2024 13:43