Почнаа градежните активности за асфалтирање на крак на улицата „Сутјеска“, паркинг простор на Градскиот пазар, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Оваа инвестиција е околу 2,5 милиони денари од буџетот на Општина Штип. Посочи дека интензивно се работи и на изградбата на новиот полузатворен Градски пазар, а деновиве очекува да пристигнат и околу 100 нови тезги.

-Со асфалтирањето на оваа пристапна улица, на новиот паркинг простор ќе се овозможи полесен пристап и полесно функционирање. Некаде околу 2.500 метри квадратни простор кој што ќе се асфалтира и дополнително околу 1.200 е површината на новиот полузатворен дел на Градскиот пазар, со околу сто тезги. Ова се активности коишто ќе се случуваат во наредните денови. Се надевам дека во скоро време ќе се пушти и новиот дел од пазарот, вели Јорданов.

Новиот дел на пазарот е инвестиција од околу 12 милиони денари, а со којашто се овозможува современи и модерни услови и за купувачите и за продавачите на земјоделски производи. Јорданов повторно апелираше инспекциите да работат на терен, со цел да се надмине навиката на одредени трговци производите да ги продаваат на тротарните површини во штипската населба Автокоманда



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2024 14:20