Во земјава има висок процент на жени кои не можат да си дозволат пристап до менструални производи. Во истражување спроведено пред неколку дена со кое биле опфатени 1.118 испитанички, 34 отсто одговориле дека немаат пристап до менструални производи поради високата цена, информираа денеска од здружението „Новинари за човекови права“ по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста за менструалното здравје.
Беше презентирана компаративна анализа од истражување за степенот на менструалната сиромаштија во Северна Македонија, Србија и во Албанија во рамки на проектот „Управување со ризик во секторот за вода, санитација и микропластика во регионот на Балканот“, поддржан од Министерството за животна средина на Германија и во партнерство со WECF International.
Во однос на трошоците, жените кај нас укажале на тоа дека најмногу во текот на месецот можат да трошат 250 денари за менструалното здравје.
Менструалната сиромаштија во земјава, како што беше посочено, се должи и на големиот процент семејства што земаат минимални примања.
- Прашањето за менструалното здравје, за управувањео со менструална хигиена сѐ уште многу малку или воопшто не се зборува во училиште. Тоа е една од причините што нѐ наведува да се прашаме, каде одиме, затоа што како девојчињата кога првпат ќе добијат, ќе знаат како да се соочат и што да прават?, рече Наташа Доковска, програмски директор на здружението „Новинари за човекови права“.
Таа информираше дека податоците покажуваат оти поради неможноста жените да купат влошки, за 70 отсто е зголемен процентот на инфекции на репродуктивното здравје кај жената.
- Сакаме да испорачаме неколку барања до владата. Сите девојчиња во образовниот процес од следната учебна година да добиваат бесплатен пакет производи во текот на месеците додека одат на училиште. Во сите молови и хотели да имаат бесплатен пристап до производи за управување со менструалното здравје. Да бидат одобрени еден до два слободни дена месечно за секоја жена од работа, која има потреба. Да биде законски регулирано за да нема злоупотреби, истакна Доковска.